Македонија
Ковачки: Загрижуваат континуираните кражби кои се констатирани од Ревизија за Клиниката за онкологија, а нема постапување
Кај јавното обвинителство постои некоја нервоза и истата ја насочува кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, мислам интерес е да се разоткрие овој грозоморен чин. А вас низ вода ве пуштија од СДСМ, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија.
„Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при сведочење на Анкетната комисија за случајот Онкологија јасно ве посочи како обвинителство дека вие ги кочите процесите, тие ве пуштија низ вода“, рече Ковачки.
Пратеникот додаде „мене ме загрижуваат континуираните кражби кои се констатирани од Ревизија на Клиниката за онкологија, а нема постапување и има целосен крах на системот и тоа е она што треба да не загрижи сите.“
„Не може да се изземете од работата за Онкологија кога во ревизорскиот извештај се изразува сомнеж за финансиските извештаи, за усогласеност нивна со законска регулатива и ова е пар екселанс за кривично дело, ако злоупотреба на финансии кажете дека не е кривично дело ќе бидам зачуден“, кажа Ковачки.
Ковачки се осврна и на низа други неправилности кои ги има во извештајот на Ревизија за Онкологија како тоа дека биолошката терапија била набавувана на реверс без формирана цена, дека е констатирана несоодветност на јавните набавки согласно со закон, отсуство на протоколи на Клиниката.
Ковачки постави и неколку прашања до надлежните, како јавното обвинителство поточно до Љубомир Јовески и до Државната ревизија.
„Прашање до ревизорот дали во текот на ревизијата утврдивте дека директорот на Клиниката за кој излезе дека е еден од главните за состојбите на Клиниката примал пациенти кои не се третирале на соодветен оддел и прашање до ЈО зошто од толку кривични пријави во текот на годините истите се отфрлале“, праша Ковачки кој додаде „дали е точно дека инспекторите од МВР кои ја одземале документацијата од Клиниката немале насоки што да бараат“.
Ковачки заклучи дека многу е јасно дека „кога нешто не е во согласност со закон и е злоупотреба на пари мислам дека е јасно што треба да се прави“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.