Македонија
Ковид-19 најризичен за постарите лица, почитувањето на мерките за заштита е клучно за нивна заштита
Ковид-19 е акутна респираторна болест предизвикана од SARS CoV-2 вирусот што предизвикува поголема смртност кај лица на возраст од над 60 години и кај лица со основни медицински состојби како што се кардиоваскуларни заболувања, хронична респираторна болест, дијабетес и карцином. Објектите за долготрајна нега, како што се геријатриските болници, хосписите за палијативна нега, старечки домови и рехабилитациони центри, се објекти што се грижат за луѓето кои страдаат од понапредната возраст со бројни коморбидитети и затоа заштитата од ширење и пренесување на ковид-19 е исклучително важна.
„ Лицата кои се лекуваат и престојуваат во установи за долготрајна нега се ранливи популации кои се изложени на поголем ризик за неповолен исход и за инфекција поради престој во близина на други лица. Затоа овие установи мора да преземат посебни мерки на претпазливост за да ги заштитат своите корисници на услуги и вработените. Особено е важно спречување на инфекција и контролните активности може да влијаат на менталното здравје и благосостојба на корисниците на услуги и вработените, особено употребата на лична заштитна опрема и ограничувањето, односно забраната на посетителите и групните активности.“ – посочуваат од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.
Во моментот во установата има полн болнички стационар од вкупно 300 легла, а исполнети се вкупно 269 болнички кревети. Се спроведуваат строги протоколи и засилени заштитни мерки за безбедност како на корисниците на услуги, така и на болничкиот персонал. По кусиот прекин, веќе од 1 јуни установата започна повторно со прием на пациенти со посебна процедура која опфаќа тријажа на корисниците на услуги со цел да се заштитат останатите штитеници од влез на вирус од надвор.
Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“- Скопје изработи и ги спроведува упатствата кои овозможуваат безбедна долготрајна нега на корисниците на услуги во координација со Министерството за здравство и тоа како во однос на превенцијата преку едукација на корисниците на услуги и персоналот, задолжително користење на лична заштитна опрема и зачестена лична хигиена и дезинферкција, така и во однос на физичката поставеност и сместување на пациентите и начинот на извршување на групните активности, контрола и засилен надзор за рана детекција на евентуален случај на Ковид-19 заболен, како и во однос на грижата за Ковид-19 пациент и превенција на понатамошна трансмисија. Со доследно спроведување на сите мерки за заштита од ширење на вирусот, институцијата е безбедна. Од почетокот на пандемијата со Ковид-19 вкупно регистирани заболени во установата биле 5 вработени и 4 корисниците на услуги, а доследното почитување на мерките спречи ширење на вирусот во рамки на установата.
Со оглед што вирусот Ковид-19 е опасен за постарите лица кои вообичаено имаат и други коморбидитети, од здравствената установа апелираат за целосно почитување на мерките за заштита – носење на маска, одржување на дистанца и зачестена хигиена на раце, како од страна на повозрасните граѓани, така и од страна на помладите за да се заштитат нивните најблиски кои се најранливи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

