Македонија
(Видео) Кое племе е ова, од каде дојдоа: Јакимовски најави дека ќе јa напушти ЗЕЛС ако продолжи теророт од власта
Градоначалникот на општина Карпош на денешната прес-конференција најави дека Oпштина Карпош може да ја напушти ЗЕЛС поради големи притисоци од страна на централната власт.
„Причини за напуштање на ЗЕЛС има многу. ЗЕЛС ги премолчи сите притисоци што ги трпиме од министрите од оваа Влада. Не сум првпат градоначалник. Но, ова е невидено што го прават министрите од Владата на Мицкоски. Не знам дали е по негова директива или не е, но гледате што прават со градоначалникот на Струмица. Градоначалникот да имал чиста вода за пиење. Министерот си ја решил ситуацијата во земјоделството, па се фатил со детено ‘водата, па водата“’. Наместо да му помогне како министер, видете тој што прави. Што прават со мене тука? Министерот за транспорт вика јас не потпишувам планови додека сум министер и уште се фали дека со новиот закон му се зголемиле ингеренциите“, вели Јакимовски.
Јавно го прашува: „Вие одите кон Брисел или одите кон Москва? Ако одите кон Брисел, вие треба да ги намалувате дискреционите права, а не да ги зголемувате. Ако одите кон Москва, тогаш ќе функционирате со декрет“.
Се поажли и на министерот за внатрешни работи: „Министерот за внатрешни, гледате, ни пушта кривични на апсолутно чист предмет, а од друга страна, гледате дека се пуштаат бандити од затвор. А и првпат во 47 години се случи да не се гласаат програми, да не се гласа буџет, и тоа од оваа партија на власт. Кое племе е ова? Од каде дојдоа? Да не се гласаат програми за работа. Ај што не ги гласаат, туку кога ќе ги изгласаме, ги обжалуваат во Инспекторатот и вршат притисок да донесат одлука каква што тие сакаат. И мислат дека ние сето тоа треба да го трпиме. Министерот за локална самоуправа го гледа сето тоа и си молчи. ЗЕЛС ова го гледа како не се гласаат програми на колеги што не се од неговата партија. И ние треба да останеме во таа институција и да функционираме. Затоа претседателот на ЗЕЛС не треба да биде од истата партија за да ги штити интересите на локалната самоуправа. Ова е многу сериозна работа. Со ова треба да бидат запознати сите амбасади како функционира оваа власт, буквално разулавена. Но, јас сум, сепак, за да седнеме и да разговараме. Мене ме побара колегата Орце Георгиевски. И побара да се сретнеме. Да, сакам да се сретнеме и треба да се сретнеме затоа што вака не можеме да функционираме“, изјави Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

