Македонија
Колева: ДПМНЕ лаже, да беа чесни нема да создаваа паника и хистерија кај граѓаните
СДСМ го решава проблемот и затоа денес излезе со конкретен закон и конкретно решение за личните документи за граѓаните. Граѓаните треба да бидат спокојни, затоа што ние имаме предлог закон со кој ќе го решиме проблемот и не треба да се грижат. СДСМ носи одговорност кон граѓаните, за разлика од ДПМНЕ кои се главни креатори на проблемите и лагите.
„ ДПМНЕ лажат сите овие години и мислат дека некој ќе им верува, посебно пак сега. Последно што направија, е, дадоа предлози за технички министри кој што не знаат што зборуваат. На емисија кажуваат дека ќе важат патните исправи, а потоа, да даваат соопштенија во недела, во кој кажуваат дека не важат. Знаат ли министрите на ДПМНЕ што е официјална изјава и што треба да кажат или намерно креираат паника меѓу граѓаните“, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Колева
Граѓаните треба да бидат спокојни затоа што СДСМ со предлог закон ќе го реши проблемот со документите за лична идентификација.
Колева потенцираше дека ДПМНЕ се грижи за граѓаните, само од говорница и само кога се во опозиција. Кога се на власт, или местат избори, или крадат и лажат и прават се најлошо што може да се направи.
-Пустош направија 11 години во државата. И ниту еден проблем не решија. На телевизија на вестите се им беше позитивно, се сликаа со лопата на најмали проекти, ама во позадина, во бомбите се изнаслушавме што се не направиле. ДПМНЕ освен што освен што блокираа клучни закони, манипулираат и лажат. Постојано шират паника, дека ќе имало бугаризација, дека ќе имало рестрикции за струја, ќе немало храна. Се тоа се лаги и манипулацијата на ДПМНЕ. Ако се искрени и чесни , нема да создаваа паника и хистерија. Но, тие создаваа паника во ковид- пандемија, а не пак сега, кога голем дел од работите се регулирани“, рече Колева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

