Македонија
Тренчевска: Секое дете има право да расте во семејна и топла атмосфера
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес спроведе активност со деца од згрижувачки семејства на тема „Моите емоции, во моето семејство“ со поддршка на вработените во Јавната установа Детски дом „11 Октомври“- Скопје.
„Преку уметноста децата најдобро ги искажуваат своите емоции, затоа денес преку цртежи и боички комуницираме за емоциите. За мене е од особена важност кај децата да преовладуваат позитивните емоции кога се зборува за семејствата во кои децата се згрижени. Затоа што згрижувачкото семејство треба да биде пријатна околина за правилен раст и развој на децата“ рече Тренчевска за време на активноста.
Тренчевска ја објасни и важноста од подготвувањето на згрижувачките семејства за децата навистина да ја добиваат соодветната грижа и нивното секојдневие да поминува во топла семејна атмосфера.
„За нас како Министерство за труд и социјална политика од особена важност е децата да бидат сместени во соодветни згрижувачки семејства, затоа лицата кои се заинтересирани поминуваат преку долг процес на консултации во Центрите за згрижувачки семејства“ рече Тренчевска.
Процесот низ кој треба да поминат згрижувачките семејства започнува со контакт со Центарот за социјална работа (ЦСР) во местото на живеење и се пополнува соодветниот образец. Потоа потребно е семејството да помине низ информативна сесија каде Центарот за поддршка на згрижувачки семејства заедно со ЦСР извршуваат првична посета во домот на згрижувачот. При посетата во домот се разговара со семејството и се утврдува состојбата и потребите и воедно се оценува семејството согласно критериумите. Доколку истите се позитивни, семејството поминува низ задолжителна обука во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства. Процесот завршува со крајна проценка за подобноста на семејството.
Моментално на територијата на Република Северна Македонија има 362 згрижувачки семејства во кои се згрижени 601 дете. Министерството за труд и социјална политика досега има спроведено две кампањи со UNICEF и СОС детско село со цел зголемување на свеста за важноста на згрижувачките семејства и зголемување на нивниот број.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).