Македонија
Колев: Владата итно да наложи 30-дневен колективен одмор за конфекциите, доста со политички популизам
Штип е на врвот на листата според бројот на активно заразени со Ковид-19 во однос на бројот на жители и потребни се итни мерки за спречување на заразата. Владата итно треба да наложи 30-дневен колективен одмор за конфекциите затоа што тие и понатаму остануваат најголемата опасност заразата да пламне не само во Штип, туку во цела источна Македонија. Причините се што не постојат услови да се реорганизира производството, како и поради условите за транспорт на вработените, потенцире претседателот на Граѓанско-демократската унија, Петар Колев, на гостувањето во емисијата „168 – анализи и коментари“ на штипската телевизија „Стар“.
„Во конфекциите не работат само луѓе од Штип, туку и од цела источна Македонија. Повеќе од два месеца апелираме да се обрне особено внимание на конфекциите, како и претпријатијата од кожарската индустрија. Во овие капацитети нема услови производството да се реорганизира во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, како и поради непочитување на мерките за транспорт на вработените. Затоа, нашиот предлог останува ист – наместо во август, сега да им се даде колективен одмор на вработените во секој производствен капацитет во кој нема услови да се почитуваат постојните мерки за заштита. Всушност, и првиот државен празник што досега конфекциите го искористиле како неработен е Духовден поради мерката што им ја наложи градоначалникот Бочварски и таа е за поздравување. Но, тоа не треба тука да застане, потребни се итни мерки“, рече Колев и потенцира дека апелот не е со цел да се саботира власта или ГДУ да собира политички поени, туку од безбедносни причини.
Според Колев предлозите на ГДУ се во насока да се изгради заеднички став на сите партии независно дали се на власт или во опозиција за справување со заразата, која не дискриминира според партиска припадност. Опасноста за здравјето на граѓаните постои за сите еднакво и не треба партиите да се обидуваат да ќарат симпатии преку политички популизам.
„Ако бројките во Штип продолжат да растат, ќе има огромни реперкусии и врз економијата во овој регион. Мерката треба да ја наложи Владата за подоцна и овие компании да добијат помош од државата“, рече Колев и дополни: „Разбирам дека трпат загуби и ќе трпат, но на сопствениците треба да им се објасни дека мерката е за нивна безбедност. А зошто досега тоа не го сторија? Одговорот е едноставен, голем број од конфекциите се спонзори на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. И ние сега бегаме од вистината зашто затаија контролата и мониторингот. Каде беа трудовата инспекција, УЈП, санитарно-здравствената инспекција? Каде беше локалниот штаб за да провери дали се почитуваат тие мерки? Дали си зедоа нови кошулчиња и костимчиња и заборавија дека треба да одат во контрола во конфекциите. Или треба да има избори и чекаме нови донации од нив. Што е поважно – капиталот и бизнис-интересот на стотина луѓе во овој регион или здравјето на десетици илјади работници во тие компании?“
За очекувањата од претстојните парламентарни избори и најавите на ДУИ дека на изборите одат за да го дадат првиот албански премиер, Колев одговори дека тоа е одлука на граѓаните на Македонија. Позицијата на ГДУ е јасна и категорична дека нема да поддржат влада во коалиција со ДУИ.
„ГДУ има десетина приоритети пред себе. Прво е намалување на бројот на пратеници на 60 и да запре исплатата на патни трошоци, намалување на бројот на министри на 15, како и намалување на бројот на советници и слични редукции во администрацијата. Промена на изборен модел, односно Македонија да биде една изборна единица. И влада без ДУИ затоа што ДУИ се покажа како неконструктивен партнер вовлечен во многу криминални зделки во последните 20 години. Ако зависи од ГДУ, а верувам дека така ќе биде, ГДУ нема да поддржи влада во чиј состав ќе биде ДУИ. Се надевам дека и нашите сограѓани Албанци разбираат што сака да предизвика Ахмети. На секои избори некој ја пали етничката карта. Од едната страна е ВМРО-ДПМНЕ, а од другата е ДУИ. Истата комбинација која 11 години направи пепел во државата. Камен врз камен не остана, освен стиропор, што го однесе ветрот. Милиони евра, а можеби и милијарди, исчезнаа и на крајот ниту еден висок функционер на ДУИ или на ВМРО-ДПМНЕ не заврши во затвор“, рече Колев и потенцира: „Граѓаните што сакаат ДУИ да биде во власта нека гласаат за СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, ако гласаат за нас, ДУИ нема да биде во власта“.
Колев зборуваше и за проблемите со кои се соочуваат земјоделците во Источниот Регион, особено во однос на водоснабдување, како и за потребите за чистењето на каналите за водоснабдување.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

