Македонија
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација: Трансродовите лица се системски дискриминирана заедница, секојдневно се соочуваат со насилство
По повод 31 Март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација изразува поддршка на заедницата на трансродовите лица и нивните здруженија во борбата за еднаквост, недискриминација и почитување на човековото достоинство.
Според Комисијата, трансродовите лица се системски дискриминирана и дехуманизирана заедница, која секојдневно се соочува со прекршувања на правата, но и со насилство.
Системската дискриминација кон трансродовите лица најнапред е видлива, како што велат, преку отсуството на законско решение за правно признавање на родот – постапка за промена на личното име, матичниот број и ознаката за пол во личните документи. Оваа постапка, во согласност со потребите на заедницата и меѓународните стандарди, мора да биде транспарентна, достапна и заснована на самоопределување, односно не смеат да се наметнуваат медицински критериуми за да се овозможи промена на документите. За правната рамка да соодветствува на потребите и да се приспособи на разни реалности, неопходно е додавање трета категорија на родово небинарни лица во личните документи, со цел луѓето што не се идентификуваат со категориите маж/жена да добијат соодветно правно признавање на својот род и родов идентитет. Апелираме до Владата и Собранието во најкус можен рок да ги донесат предложените измени на Законот за матичната евиденција, со што ќе ја спроведат и пресудата на Европскиот суд за човекови права ИКС против Македонија.
„Недостигот на правна рамка за правно признавање на родот за трансродовите лица значи исклучување од пазарот на труд, дискриминација во пристапот до добра и услуги, неможност да се дојде до домување и здравствена услуга под исти услови како другите и ред други ризици за повреди на права. Социјалното исклучување ги изложува транродовите лица на невработеност, сиромаштија, насилство од омраза и семејно насилство, нарушување на здравјето и добросостојбата. За ова сведочат и три предмети на утврдена дискриминација кон трансродови лица во вработувањето и пристапот до добра и услуги.
Неприфаќањето, вознемирувањето врсници и насилството во образованието е клучен проблем кој остава трајни последици кон менталното здравје, самодовербата и можноста за реализација на сопствениот потенцијал. Тоа е воедно и причина за прерано напуштање на образовниот процес, пречка за еднакво учество во образованието и за искористување на можностите што тоа ги нуди. Дискриминација во областа на образованието врз основа на родов идентитет е утврдена во три случаи пред Комисијата“, велат од таму.
Апелираат до Министерството за образование и наука да ги зајакне законската рамка и капацитетите на образованите институции за спроведување програми за превенција и заштита на учениците од насилство, да ги отстрани дискриминаторските содржини и да воведе афирмативни содржини, со кои се промовира еднаквост врз основа на род и родов идентитет.
„Од областа на предметното работење на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, го согледуваме трендот на сè почесто користење говор на омраза, вознемирувачки говор, повикување и поттикнување дискриминација врз основа на родов идентитет. Комисијата утврдила дискриминација врз основа на родов идентитет во областа на јавното информирање и медиумите во 37 случаи, односно 86 % од случаите на утврдена дискриминација врз основа на родов идентитет. Изворите на овој говор се најчесто страници на социјалните мрежи и здруженија, кои ја злоупотребуваат слободата на изразување и здружување за ширење невистини, говор на омраза и дехуманизирање на трансродовите луѓе. Воедно, загрижува трендот на мобилизирање на верските заедници против остварување на основните човекови права на транслуѓето“, се истакнува во информацијата.
Потсетуваат дека ваквиот говор спаѓа во категоријата незаштитен говор од слободата на изразување и тој треба да биде предмет на сразмерна санкција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

