Македонија
Поништена одредба од Законот за поддршка на социјално ранливите категории, која ги ограничуваше повозрасните од 65 години да добијат надоместок
Уставниот суд го поништи член 3 став 1 точка 2 во делот „најмногу до 65-годишна возраст“ од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани.
Според член 3 став 1 точка 2 од законот, „корисници на правото на надоместок поради попреченост“ се лица со навршени 26 години, а најмногу до 65-годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, во согласност со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа.
Од содржината на погоре наведениот член од законот произлегува дека во групата корисници на правото на надоместок поради попреченост не спаѓаат лицата над 65-годишна возраст, а со тоа овие лица се исклучени од финансиската поддршка во согласност со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани.
Судот оцени дека со таа одредба e нарушенa темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на правната сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера.
Со исклучувањето на овие лица од единствената категорија корисници на правото на надоместок поради попреченост, според судот, создава и нееднаков третман помеѓу лицата што се наоѓаат во иста правна положба (сите се корисници на правото на надоместок поради попреченост), но едни може да остварат право на финансиска поддршка, а други не, и тоа исклучиво поради возраста.
Со оглед дека одлуката на Уставниот суд е поништувачка, се отвора правна можност за граѓаните со попреченост над 65 години, кои не добиле надоместок, сега да побараат да им се исплати надоместокот во изминатиот период, од кога законот е влезен во правна сила.
Во декември 2022 година Уставниот суд го укина став 2 од членот 44 од Законот за социјалната заштита, кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: 1.764 повици на бројот за итни случаи 112 во последното деноноќие
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 1 764 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК во последното деноноќие, од коишто „реални“ повици биле 52,44%, а 47,56% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62,93%, кон Итната медицинска помош 33,59%, а кон пожарникарите 2,32% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 842 повика за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (1,16%) и на тие што се именувани како „неитни повици“(47,56%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
Во последното деноноќие немаше евидентирани пожари на отворен простор. Имало само урбани.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ
27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ, велат од СДСМ.
„Вооружени насилници на 27 април 2017 година, поттикнати од ДПМНЕ, упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во парламентот, да го загрозат уставниот поредок, ја доведоа државата пред амбис, на раб на граѓанска војна. Сеќавањата на крвавите лица на пратениците, нападнати со шипки и столици, влечењето за коса, дивеењето на насилниците, кои кршеа и уништуваа се пред себе во храмот на демократијата, се свежи и по седум години. Насилниците поддршка имаа и од Христијан Мицкоски, кој тој ден беше пред македонското собрание. Наместо извинување и осуда, Мицкоски стои во одбрана на осудените насилници за крвавиот четврток“, пишуваат од партијата.
„Ништо не е сменето во ДПМНЕ. Тоа е истата партија која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните. СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори. Со глас за СДСМ и Коалицијата на 8 мај граѓаните гласаат за слобода, демократија и европски вредности“, се вели во соопштението на СДСМ.
Сервисни информации
Сончево со мала до умерена облачност, од пладневните часови со услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд
Времето денеска, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и во делови од регионот со услови за краткотарен пороен дожд. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степен.
Од недела следува период на стабилно и топло време, а дневните температури ќе бидат повисоки за 3 до 5 степени.