Македонија
Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ: Скандал – Тендер во четири очи во АД ЕСМ, во износ од 1.8 милиони евра
АД ЕСМ (ЕЛЕМ) на ден 18.09.2023 година има потпишано договор за рамковна спогодба за ЈАВНА НАБАВКА на услуги со економскиот оператор Спектартермо доо Скопје, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Предмет на договорот за јавна набавка, според нивното соопштение е сервис и редовни периодични прегледи на гасни мотори во Подружница Енергетика Скопје.
„Вредноста на договорот е 1.8 милиони евра односно 112 милиони денари.
Овој договор е склучен во вид на постапка со преговарање без објавување на оглас, односно народски кажано, тендер во четири очи.
Изминатите две години потпишани се три вакви набавки за сервис на гасни мотори и сервисирање и редовно периодични прегледи на гасни мотори (Енергетика) со друг економскиот оператор Флекс повер доо Скопје.
1.датум 15.07.2021 = износ 556.400€
2.датум 23.12.2021 = износ 1.228.000€
3.датум 16.12.2022 = износ 1.521.000€
Овие три набавки како и последната се без објавување на јавен оглас“, се нагласува во информацијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, АД ЕСМ има поднесено Барање за оправданоста за овој вид на постапка до Бирото за јавни набавки.
Од Бирото, како што велат, е добиен одговор/мислење со заклучок дека Одговорноста за изборот и спроведувањето на постапката со преговарање како исклучителна постапка е одговорност на договорниот орган (ЕСМ).
„Во мислењето на Бирото е цитиран дел од законот за Јавни набавки каде е наведено дека може да се спроведе постапка со преговарање без објавување на оглас за јавна набавка на стоки, услуги или работи, доколку стоката, услугата или работата може да ја обезбеди само определн економски оператор, од причина кога поради технички причини нема конкуренција за предметот на набавката.
Од сето горе наведено, се поставува логичкото прашање: Како нема конкуренција?
Ако претходните три набавки се потпишани со една фирма а последната набавка со друга фирма?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.

