Македонија
Се испуштаат агресивни кучиња во Битола, се движат кангали во присуство на малолетници, општината побара помош од МВР и АХВ
Општина Битола, додека ги завршува подготовките за отпочнување на непречено функционирање на прифатилиштето за бездомни кучиња, констатира нов проблем на неодговорно сопствеништво, што деновиве предизвика страв и паника кај неколку граѓани. Во пријавените случаи, агресивни кучиња се испуштаат низ улиците или пак, милениците се изложени на нехуман и неправилен третман, што може да претставува и потенцијална опасност.
„Пријавениот случај во паркчето во близина на Центарот за јавно здравје Битола, предизвика вознемиреност и итен аларм за постапување, затоа што станува збор за напад врз наша сограѓанка од страна на куче со ремче без сопственик, а поради агресивноста на истото граѓаните кои се затекнале на местото на настанот, не можеле да го совладаат. Кучето гравитирало на територија ул. Димче Лахчански – Нов Пазар – Парк на улица Цар Самуил, поради што голем број од граѓаните во овој дел живеат во страв поради нова опасност“, велат од општината.
Општина Битола, веднаш ги презеде потребните мерки согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за заштита и благосостојба на животните и испрати Налог за постапување до ПРОВЕТАЛЕК ДООЕЛ увоз-извоз Новаци, кој деновиве врши проверки на посочената локација со цел кучето да биде заловено и соодветно третирано согласно член 28 (Бездомни кучиња) од споменатиот закон, каде што стои: општината е надлежна да врши собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрираните кучиња и регистрирани кучиња доколку се затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и повремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта.
Дополнително, до општината испратени се и фотографии на кои јасно се гледаат големи и опасни кучиња од расата кангал, несоодветно придружувани од страна на малолетни лица во делот кај Безистенот. И во овој случај, извршено е прекршување на повеќе законски одредби, согласно член 30 од Законот за заштита и благосостојба на животните став (3) алинеа 2 ( при движење кучето треба да е врзано на поводник и да му се стави заштитна маска) и став (4) (Опасните кучиња при движење треба да бидат придружувани од полнолетно лице, а во случајот истите се држат наповодник од малолетни лица без маски).
„Со цел на брзо и ефикасно решавање овај проблем и на проблемот со бездомните кучиња на територијата на општната, градоначалникот Тони Коњановски со писмен допис од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за храна и ветеринарство, побара соработка и институционално решавање на проблемите со бездомните кучиња и неодговорното сопствеништво согласно нивните надлежности.
Одгледувањето на домашни миленици бара голема одговорност и вистинска грижа за истите, што е регулирано со соодветна законска регулатива. За секое непочитување на законот, со што се загрозува безбедноста на населението, но и на животните, предвидени се одредени глоби, кои мора активно да се применуваат за да се спречи појавата на нови, немили случаи.
Општина Битола, очекува зголемување на одговорноста на сопствениците, а преку соработка со институциите планира зачестени контроли на повеќе локации во градот, како и барање одговорност од секој кој постапил спротивно на законите, со што ги загрозил безбедноста на граѓаните и нивните основни човекови права“, велат од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

