Македонија
Конституиран деветтиот состав на Собранието
Со верификувањето на мандатите на сите 120 кандидати избрани на предвремените парламентарни изборите што се одржаа на 11-ти декември, во петокот беше конституиран деветтиот од осамостојувањето на земјата состав на македонскиот парламент.
Со собрание на седницата претседава претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски. Како негови заменици беа назначени пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани.
Оливер Спасовски, од коалицијата предводена од СДСМ, во процедурална забелешка рече дека досегашниот собраниски спикер Трајко Вељаноски не треба да претседава со седницата, поради тоа што и според парламентарната практика и според Деловникот, со неа треба да раководи највозрасниот пратеник.
Вељаноски одговори дека има разлика во практиката и во спроведувањето на Деловникот за што смета дека преовладува во работата .
Потоа седмицата беше прекината, за да се формира Комисија за избор и именување која ќе треба да достави предлог за избор на претседател на Собранието. За претседател на Верификациската комисија беше избран Влатко Ѓорчев, а членови се Петре Шилегов, Реџаиљ Исмаили, Фадил Зејнели и Сурија Рушити.
Пред Собранието да гласа за верификацијата, претседателот на Верификационата комисија, Влатко Ѓорчев ги прочита имињата на сите пратеници и констатираше дека нема основ за оспорување на верификацијата на мандатите.
Процедурално реагираше пратеник на Движењето БЕСА, Фадил Зендели, кој праша зошто документот што го подготви комисијата не е изработен и на албански јазик и побара да не се верификува мандатот на Јохан Тарчуловски, затоа што според него бил Хашки осуденик.
На тоа Вељаноски одговори дека сите документи се преведуваат и се доставуваат до пратениците, а за да не се верификува нечиј мандатот треба да има законски пречки, што во случајот на Тарчуловски не постојат,
„Да констатирам дека изборната кампања заврши, па заврши и периодот за давање политички квалификации. Пратениците треба да работат конструктивно и да ги наоѓаат работите што ги поврзуваат. Ако направиме список кој на кого не му се допаѓа во Собранието ќе биде тоа долга листа. Тука сме врз база на волјата на граѓаните“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
По верификацијата Вељаноски констатираше дека престанува мандатот во Владата на оние пратеници кои досега беа нејзини членови. Со верификацијата на пратеничкиот мандат престануваат и сите други функциите на кои досега биле пратениците, а кои не се споиви со пратеничката.
На конститутивната седница не присуствуваат само двајцата новоизбрани пратеници од ДПА./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

