Македонија
Коридорот 8 е национален приоритет за Бугарија, велат од бугарското министерство за транспорт
Министерството за транспорт и врски не ја одложи изградбата на пругата кон Република Северна Македонија, се истакнува во информацијата на ова министерство која ја пренесуваат бугарските медиуми.
Министерството за транспорт и врски со години работи на развој на Коридорот 8, кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море преку Албанија, Република Северна Македонија и Бугарија, се нагласува во информацијата.
„Од вкупно 1.220 километри железница, повеќе од половина од нејзината должина – 747 километри – е на територијата на Република Бугарија. Од нив останува да се изградат само 2,5 километри железничка пруга – од Гуешево до Деве Баир (границата со Република Северна Македонија)“, информираат од бугарското министерството за транспорт, пренесува БГНЕС.
Делницата, како што велат е финансирана во рамките на Програмата „Транспортно поврзување“ 2021 – 2027 година и ќе биде завршена во планираниот период од 2029 година. За споредба, делот што недостасува од територијата на РСМ е приближно 70 километри.
„Медиумска шпекулација е тврдењето дека нашата земја ја одложи модернизацијата на бугарската делница. Железничката линија Радомир – Ѓуешево е во функција и по завршувањето на делницата од Ѓуешево до Деве Баир долга 2,5 километри ќе може да се приклучи на мрежата на операторот ПЦМ преку прекуграничен тунел. Исто така, NKŽI го нарача дизајнот на рехабилитација на целата делница за брзини до 160 km. Овој проект е финансиран и од Програмата за транспортна поврзаност 2021 – 2027 година.
На 15 јануари 2025 г. согласно утврдената процедура, Бугарија ѝ предаде на Република Северна Македонија нацрт-договор за прекуграничен железнички тунел со Република Северна Македонија, во кој се претпоставува дека страните имаат заедничка цел – изградба на прекуграничен железнички тунел меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во граничната област, вклучително и преку спроведување на јавна набавка за изградба и надзор на изградбата на тунелот од страна на една од договорните страни и напорите за обезбедување грант помош за негова изградба, бидејќи изградениот објект треба да ги исполнува барањата на ЕУ и НАТО за ваков тип на инфраструктура. До денес нема официјален одговор од РСМ, наведуваат во својот став од бугарското Министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

