Македонија
Коруноски: Владата на СДС го уништува железничкиот сообраќај, нема ремонт на домашните пруги, а не пак набавка на возови и вагони
Ова што сега се случува во железницата е резултат на досегашното систематско уништување во овие изминати 7 години. Ние сега го допревме и дното во железницата, истакна Игор Коруноски од ВМРО-ДПМНЕ на трибината насловена како „Важно е Македонија да има современа инфраструктура“ која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
„Изминативе 7 години ние не видовме конкретни инвестиции во делот на железничкиот сектор. Не видовме набавка на нови возови, не видовме набавка на нови вагони, не видовме ремонт на домашните пруги. Во изминативе 7 години железницата беше заборавена иако беа најавувани помпезни проекти дека ќе се градат брзи пруги, дека ќе има некој инвестициски бум во железницата, но гледаме дека не е така и гледаме дека државата ја игнорира железницата во секој сегмент и затоа имаме една ваква ситуација во којашто всушност немаме ресурси, локомотиви, вагони со коишто ќе се извршува овој железнички превоз“ потенцираше Коруноски.
Тој додаде дека во едни такви услови континуирано се укинуваат железничките линии во делот на патничкиот сообраќај.
„Веќе две години немаме железничка линија кон Кичево, две години немаме железничка линија кон Кочани, веќе 6 месеци немаме железничка линија кон Куманово, а сега во последниов период се укинаа и четирите пара на возови коишто го поврзуваа Пелагонискиот Регион и делот на Азот и Богомила. Сега и таму немаме железничко поврзување. Всушност, ова што е останато сега на Коридорот 10 со префрлање на патниците е она колку да се рече дека имаме железнички сообраќај, но да не се лажеме, железничкиот сообраќај во нашата држава е во тежок колапс“, нагласи Коруноски и додаде:
„Причините за тоа се овие 7 години во коишто немаме никакви вложувања и во коишто немаме никакви конкретни проекти. Да се потсетиме само дека единствениот голем проект кој што се направи беше тој којшто го реализираше владата на ВМРО-ДПМНЕ со кој после 40 години се набавија 6 нови композиции на возови, се набавија 150 товарни вагони, се набавија 4 нови современи електролокомотиви, се рехабилитираа халите на влечните и на влечените средства. Од тој проект наваму всушност запре целото вложување во железничкиот сектор и затоа резултатот не можеше да биде поинаков од овој што е сега“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

