Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Законот за верските училишта отвора многубројни нејасности и институционални проблеми
СДСМ изразува сериозна загриженост по однос на предлог-законот со кој верските училишта добиваат статус на средни училишта, а нивните дипломи стануваат признати за запишување на високо образование. Иако не поднесовме амандмани, оценивме дека во предлог-законот постојат повеќе суштински нејаснотии и недоречености, кои може да отворат нови правни и институционални проблеми, рече пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната седница на Комисија за образование, наука и спорт.
Костадиновска посочи дека законот влегува во Собранието без јавна дебата, а граѓаните имаат право да знаат кои образовни модели ќе бидат легитимирани под државна капа. Тука се отвора прашањето за секуларноста и финансиската контрола на ваквите училишта.
– Иако државата формално не ги финансира овие училишта, загрижува отсуството на механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Тоа отвора простор за непознати влијанија и непрегледност во функционирањето на овие образовни институции, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа укажа и на фактот дека засега има отсуство на јасни критериуми за образовната содржина и според достапните информации, наставата во богословските и исламските училишта вклучува верски предмети изведувани од свештени лица, додека основните образовни и педагошки дисциплини се минимално застапени или нејасно дефинирани. Оттука, се поставува прашањето: дали овие ученици ќе имаат адекватна подготовка за да продолжат кон наставнички или други стручни факултети?
– Уставниот поредок мора да се почитува. Република Македонија е секуларна држава. Според амандманот 7 од Уставот државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми, констатираше пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.
Македонија
Домашниот притвор за Груби е невиден преседан, вели Максим Димитриевски
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски изјави дека одлуката лицe кое подолг период било во бегство да заврши во домашен притвор претставува невиден преседан и, како што рече, ја потврдува нефункционалноста на системот.
„Недозволиво е лице коешто подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и му се изрекува мерка притвор и истото од распитот завршува дома“, изјави Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот Груби.
Тој оцени дека сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани и додаде дека институциите треба целосно да ги разгледаат постапките.
„Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки, и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите да ги санкционира“, рече тој.
Димитриевски нагласи дека е легалист и посочи дека кога бил обвинет, редовно се појавувал на сите судски рочишта.
„Го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал беше отсутен од државата повеќе од четиринаесет месеци, се врати и заврши во домашен притвор, што е недозволиво за еден сериозен систем“, додаде градоначалникот.
Во изјавата тој се осврна и на европските интеграции, истакнувајќи дека ако сакаме во Европа и сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата.
Во однос на споредбите меѓу поранешниот функционер Сашо Мијалков и Артан Груби, Димитриевски рече дека Мијалков го коментирал во минатото и нема намера повторно да го прави тоа, но посочи дека и двајцата биле ставени во иста група.
„Денеска го гледаме и господинот Мијалков како слободен граѓанин, но дополнително и господинот Груби којшто дојде да се соочи со правдата, но за жал мене како граѓанин ваквото однесување или ваквата постапка во делот на ставање во куќен притвор не ме задоволува“, изјави Димитриевски, додавајќи дека за исправноста на одлуката треба да се обратат прашањата до надлежните судски власти, бидејќи тие ја водат постапката.

