Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Поддршката која ја даваме на општините за развој на културата носи и економски бенефити
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната промоција на Програмата за користење на капитални дотации за инвестициони проекти во единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2024, заедно со градоначалниците на општините, нагласи дека културата сè повеќе се осознава и како индустрија која на локалната заедница може да и донесе големи економски бенефити.
„Осознавањето и ползувањето на таа димензија на културата е неисцрпна можност и за нас. Во овој свет на глобализација, кој неминовно ја опфаќа и културата, локалниот културен идентитет мора досетливо да се избори за својата видливост. Заедно да му помогнеме во тоа“, нагласи министерката за култура, која на градоначалниците кои беа присутни на потпишувањето на договорите им посака успешна и ефикасна реализација на проектите од културата.
Таа укажа дека Владата и Министерството за култура праќаат јасна порака оти знаат и ги препознаваат потребите на локалната култура и затоа даваат конкретна финансика помош со која заеднички придонесуваме кон квалитетот на локалниот развој и имплементацијата на културните политики подеднакво во целата држава.
„Годинава, за оваа намена, буџетот го зголемивме за 10 милиони денари и нашата намера е секоја година да биде поддршката за општините да се зголемува“, нагласи министерката Костадиновска-Стојчевска.
Комисија одлучи оваа година да бидат поддржани проектот за изградба и адаптација на објект „Парк“ во мултифункцонален креативен центар во општина Битола; реконструкцијата со адаптација на Домот на култура во Општина Дојран. Во Општина Демир Капија ќе се реконструира Градскиот Музеј (фаза архитектура и машинство), а во општините Маврово и Ростуше и во Делчево продолжуваат започнатите проекти за реконструкцијата на мултифункционалниот центар „Дичо Зографски“ – с.Тресонче како реконструкцијата на спомен дом АСНОМ (надворешна столарија и фасада). Во општина Чашка се извоени средства за изградбата на Домот на културата.
Во Општина Кривогаштани обезбедени се средства за изградба на ограден sид и партерно уредување на Библиотеката и музеј, Општина Богданци ќе изработува Основен проект и техничка документација за летна сцена – урбана опрема, во Општина Велес ќе бидат поставени фотонапонски панели на покривот на Библиотеката „Гоце Делчев“, во Општина Крушево се обезбедни средства за опрема за осветлување на сцена, додека во општина Чучер Сандево се одобрени средства за ЈУО – Партизански дом Сандево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

