Македонија
Костадиновска-Стојчевска: „Стоби“ со над 180 илјади евра неповратни средства од ЕУ е пример за видливи придобивки од евроинтеграциите
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, го посетија Археолошкиот локалитет „Стоби“, каде што во тек се активности за реализација на проектот „Конзерваторско-реставраторски работи и конструктивно зајакнување на објектот Стара железничка станица и нејзина адаптација во центар за посетители“.
„Објектот на Старата железничка станица во ‘Стоби’, кој со поддршка од ИПА-фондовите прерасна во нов, модерен центар за посетителите, е уште една потврда дека евроинтеграцијата не е само апстрактна приказна, туку конкретна и видлива придобивка за граѓаните“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура информира дека Европската Унија вложи над 495.000 евра неповратни средства во проектот „Еуропос платино Стоби – Европското минато, иднина и културни вредности“. Од нив, 186.000 евра доби „Стоби“ за адаптација на објектот, во кој посетителите ќе имаат можност да го видат движниот културолошки слој на овој археолошки локалитет, со што „Стоби“ станува поатрактивен за туристите.
„Оваа иницијатива, која беше препознаена и од партнерите во Грција дека ЕУ-фондовите не само што побргу нè движат на европскиот пат туку и придонесуваат во одржувањето добрососедски односи и за зајакнување на комуникацијата и довербата“, нагласи Костадиновска-Стојчевска, која упати честитки до директорот на НУ Археолошки локалитет „Стоби“, Спасе Перовски, и до сите вработени за посветениот ангажман во обезбедувањето на европските средства преку ИПА-прекугранична програма со Грција.
„’Стоби’ е атракција сам по себе, но содржините што ќе се нудат во центарот ќе бидат додадена вредност за секој посетител што овде ќе има можност да доживее ново визуелно, образовно и интерактивно искуство“, истакна Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека покрај древната историја на овој антички град, преку овој центар на современ начин ќе се слуша гласот за историјата, културата и идентитетот на актуелната македонска култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека ваквите успешни имплементации на проекти од ИПА-програмата за прекугранична соработка го трасираат најефикасниот и единствен пат за остварување на нашата мисија, а тоа е трајна и одржлива заштита на македонското културно наследство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тројца бугарски државјани осомничени за неовластена трговија со македонски народни носии
Основното јавно обвинителство Битола отвори против тројца бугарски државјани, жители на Пловдив, поради основано сомнение дека вршеле кривично дело неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост.
Осомничените, во текот на месецот, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чиј промет е забранет или ограничен.
Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, но на 9 декември биле затекнати од полициски службеници како ги пренесуваат натоварените предмети во едно товарно возило и еден автомобил.
Од МВР соопштија дека предметите се прегледани од етнолог од „Музеј Битола“ и констатирано е дека се работи за делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство, и се со забрана за промет и за продажба без нивна дозвола.
Тројцата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
фото/депозитфотос
Македонија
Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа
Замени-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на партнерската комисија на САД – Јадранската повелба (А5), што се одржа во Мостар, БиХ.
Министерскиот состанок, со кој се заокружи претседавањето на Босна и Херцеговина со САД – Јадранската повелба, собра претставници од земјите членки – Хрватска, Црна Гора, Албанија и САД, како и земјите набљудувачи од регионот – Србија, Косово и Словенија.
Состанокот беше искористен за размена на мислења во однос на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, како и за разгледување на можностите за понатамошно интензивирање на комуникацијата, координацијата и практичната соработка во справувањето со заедничките кризи и ризици. Посебен акцент беше ставен на досегашните постигнувања во рамките на А5 и перспективите на Јадранската повелба како значајна регионална платформа за градење стабилност, соработка и отпорност.
Дискусиите се фокусираа на современите хибридни закани, сајбер-ризиците, дезинформациските кампањи и последиците од природните непогоди. Учесниците ја нагласија потребата од координиран, конзистентен и засилен пристап, засилено партнерство, редовна размена на информации и развивање усогласени механизми за брза реакција.
Заменик-министерот Димитровски ја реафирмира силната посветеност на Република Северна Македонија кон зајакнување на улогата и релевантноста на САД – Јадранската повелба како уникатна регионална платформа, која придонесува за унапредување на стабилноста, безбедноста и евро-атлантската ориентација на земјите од Западен Балкан.
„Нашата силна посветеност кон САД – Јадранската повелба останува непроменета. Нашето брзо членство во Европската Унија, како и членството на сите земји од регионот, е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа”, истакна Димитровски.
Во својата дискусија тој ја истакна и стратешката важност на унапредување на евро-атлантските процеси како алатка за зголемена отпорност и намалување на дестабилизирачките влијанија врз регионот.
Земјите членки на крајот од состанокот ја изразија поддршката за претстојното преземање на претседавањето во 2026 година од страна на Република Хрватска.
Македонија
Забрана за огномети во Скопје, бара „Зелен хуман град“
„Зелен хуман град“, денеска, преку нивниот советник во Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе иницијатива за забрана на огномет на територијата на град Скопје.
Од таму појаснуваат дека со иницијативата се забранува употреба на експлозивни материи од физички и правни лица за прослави и забава – практика што со децении ја загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста и на луѓето и животните.
„Огнометите ослободуваат огромни количини ПM 2,5 и ПM 10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали, како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: децата, бремените жени, лицата со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето.
Бучавата и интензивната светлина предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија. Овие последици се научно докажан сериозен ризик за здравјето“, велат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Исто така, додаваат дека последиците врз животните се драматични. „Речиси 70 -75 % од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни пцовисувања, особено кај птиците. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт“, велат од таму.
Појаснуваат дека Законот за заштита од експлозивните материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но овој закон речиси никогаш не се почитува.
„Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите“, велат од „Зелен хуман град“.

