Македонија
Костадиновски по укинувањето на балансерот: Ако јас како мнозинство добијам 100 поени, а вие како малцинство 40 и вие ја добиете предноста, дали ќе имаме стручен јавен сектор
Со мнозинство гласови денес Уставниот суд укина делови од одредбите на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Методологијата за планирање на вработувањата на јавниот сектор, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас, Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавен сектор кои ги содржат зборовите „припадност на заедницa“, како спротивни на Уставот. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по одлуката, повеќе од половина час ги образложуваше причините поради кои ја донеле одлуката за укинување на балансерот имајќи предвид дека се работи за чувствителната тема за јавноста, која предизвика остри напади и обвинувања лично за него и за Уставниот суд.
„Прво сакам да кажам дека е лага и манипулација тврдењето дека Уставниот суд со својата одлука укинал права на која било заедница. Тоа не е точно. Ние сме чувари на Уставот таков каков што е. Темелната соодветна и правична застапеност е тука, во Уставот и таа постои. Не може воопшто да стане збор за укинување на нечие право. Апелирам до граѓаните, до државните органи, политичарите ако навистина и мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови и заложби за владеење на правото, за европски вредности да ги усогласат со своите постапки. Секое делување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните каква што беше манипулацијата дека судот со своето постапување по ова или по кој било друг предмет, може да ги наруши политичките, етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Секој, вклучително и политичарите, треба да ги почитува одлуките на судот. Не да ги политизираат и да ги етнизираат“, рече претседателот Костадиновски.
Нагласи дека ниту тој ниту Уставниот суд ниту досега правеле ниту отсега ќе прават компромиси со кого било и порача дека ако некој сака да продолжи да глуми дека имаме држава во која владее правото, тоа не е проблем на Уставниот суд. Нагласи дека балансерот како мерка бил воведен во 2001 година оти бил неопходен затоа што нашиот поредок во тој момент имал аномалија која треба да се исправи
„Мерката била нужна и неопходна. Но се поставува прашањето дали е исцрпена смислата на нејзиното постоење. Бројните репорти покажуваат дека таа е исцрпена во својата примена. Тоа значи дека кога ќе се судрат темелни вредности, ние судиите често при расправа за предмети се соочуваме да цениме кога имаме судир на уставни вредности. На пример, неспорно е дека темелната вредност соодветна и правична застапеност постои во нашиот уставен поредок, но постојат и други. Таква една е слободата на изразување на националната припадност. Друга таква е членот 9 принципот на еднаквост меѓу граѓаните, таква една е и дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, таква е забраната за дискриминација по кој било основ. Кога вагаме, кога имаме случај на судир, ние превагнуваме која од овие уставни вредности во дадениот момент на нашата уставна реалност превагнува или прави потешка повреда на Уставот“ објасни претседателот Костадиновски.
Афирмативните акции, како што според Костадиновски, несомнено претставува нашата темелна вредност правична и соодветна застапеност има два клучни приципа. Едниот е нееднаквост во нееднаковоста, другиот е нееднаквост во еднаквоста.
„Двата, со оглед на тоа кој ќе биде применет, даваат сосема различни резултати. Ако се примени принципот нееднаковост во еднаквоста ние денеска немаше да расправаме за катастрифална состојба во поглед на услугите што државата треба да ги пружи на граѓаните за да си ги заштитат своите права. Што значи нееднаковост во еднаковоста? Тоа значи дека ако јас и вие на некој конкурс сме добиле 100 поени, јас сум од мнозинската заедница, вие сте од некоја од помалите заедници, вие ќе ја добиете предноста. Што значи нееднаквост во нееднаквоста? Ако јас како припадник на мнозинската заедница и вие од малцинската заедница добиете 40 поени, а јас 100 поени и вие ја добиете предноста, дали тоа ќе ни даде нас добар, стручен и компетентен јавен сектор? Апсолутно не“, рече Костадиновски.
Задолжителен елемент за јавен оглас за вработување повеќе нема да биде националната припадност оти никому со закон не смее да му се наложи да се изјасни. Податокот за национална припадност повеќе не може да се бара, собира и регистрира. Костадоновски ги повика пратениците, како законодавна власт, да донесат уставно втемелени измени или нови законски решенија за кои искуства може да црпат од канадското или американското општество кои се помултинационални од нашето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шилегов: Да, барам оставка од „претседателот“ на СДСМ
Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Град Скопје и член на раководството на СДСМ, бара оставка на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Македонското законодавство познава убиство од небрижност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла !!!! Или тешка Ви е одговорноста ? Или Ви тежи договорот ? Или си СДСМ или си тезгарош !!! М ? Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова Година, Божиќ, ќе се заборави …“, напиша Шилегов на „Фејсбук“.
Подоцна тој објави уште еден статус.
„Бидејќи можеби многумина не разбраа (преку 50 тел повици за 7 мин) ДА !!! Барам оставка на “претседателот” на СДСМ“, напиша Шилегов.
Македонија
Арсовска не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на мандатот, ја обвини ДКСК за јавен линч
Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанок на нејзиниот мандат и вели дека никој не ја информирал за таквата обврска. Таа се најде на листата што денеска ја објави Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна сосотјба. Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч и побара одговори од таму на кој начин ја креирале листата на која како број 1. е објавено нејзиното име.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Таа вели дека добро ќе било ДКСК да сработи нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканува со прекршочни глоби.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.

