Македонија
Костадинов: Палењето автомобил на членови од СДСМ е доказ за обновата за која се залага опозицијата

Последниот инцидент во Штип каде е запален автобомилот на членови на СДСМ е доказ за тоа за каква обнова се залагаат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска портпаролот на владејачката партија, Костадин Костадинов.
Тој рече дека за опозицијата, обновата значи обнова на поделбите и насилство врз неистомислениците.
Костадинов пред новинарите денеска го повтори и ставот дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се единствените кои се против НАТО, против ЕУ, против реформите и интересите на државата, што било потврдено и со последните изјави на европски лидери кои за опозицијата оценуваат дека е анти-ЕУ.
Утрово беа запалени пет возила во Штип. Од нив три целосно се изгорени, а две делумно. Меѓу возилата кои целосно изгореле се двете возила на семејството Тушеви. Едното возило е на Никола Тушев, кој е поранешен претседател од огранокот на СДСМ во Штип, а другото на неговиот татко Мите Тушев. Тие се брат и татко на поранешната пратеничка од СДСМ Маринела Тушева. Возилата биле паркирани на различни места на паркингот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Битола – Прилеп

Сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп е нормализиран, соопшти АМСМ.
Претходно од таму информираа дека поради случена сообраќајна незгода со жртва, пренасочен е сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп кај местото викано „Беровци“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Македонија
Сообраќајна несреќа со жртва на патот Битола – Прилеп

Поради случена сообраќајна незгода со жртва, пренасочен е сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп кај местото викано „Беровци“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Како што информира АМСМ, од 20.10 часот, сообраќајот е пренасочен по стариот пат.
Македонија
Спасен повреден чешки планинар на Шар Планина

Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово информира дека денеска во 16.42 часот на Единствениот повикувачки број 112 на ЦУК била добиена пријава од чешки планинар – скијач дека негов колега исто така чешки планинар е повреден додека планинареле и скијале на Попова Шапка и дека им е потребна помош.
„По примањето на информацијата дека треба да се извлекува и спасува повредениот на крајот од денот, пред да настапи ноќта, кога студот и видливоста се засилуваат и заради мракот и заради магла на одредени места, веднаш раководителот на РЦУК Тетово стапил во контакт со Националниот „Парк Шар Планина“ од каде што известиле дека тие стапиле во контакт со Горската спасителна служба на Попова Шапка, од каде потврдиле дека ги добиле координатите за локацијата на повредениот планинар. Потоа итно се упатиле со специјализирано возило за движење по длабок снег – „ратрак“, за да го извлечат повредениот планинар од местото на несреќата и да го превезат до центарот „Попова Шапка“. Кон тоа место на преземање на повредениот, паралелно со нивната спасителна акција за извлекување од повисоките снежни делови на Шара, од Итната медицинска помош од Тетово испратиле амбулантно возило за со него да биде пренесен повредениот до Клиничката болница во Тетово. Од ЦУК, преку Секторот за операции и координација, покрај ЈП „Национален парк Шар Планина“ и Итната медицинска помош, за настанот биле известени и „Елем Турс“ – државната компанија што стопанисува со Попова Шапка, Полициска станица (ПС) Попова Шапка, а и Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) Тетово“, истакнуваат од ЦУК.
Од ПС Попова Шапка, на почетокот на ноќта, во ЦУК била добиена повратна информација дека повредениот бил безбедно извлечен од планинскиот снежен повисок дел на Шара и на првата можна точка за преземање на асфалтен пат бил префрлен во возилото на Итната медицинска помош со што почнал транспортот, со медицински надѕор и нега според потребите, до клиничката болница во Тетово.