Македонија
(Видео) Котевски: Одговорен човек сум, во понеделник поднесувам оставка
Директорот на КПУ „Скопје“, Ѓоко Котевски, пред новинарите рече дека во понеделник ќе поднесе оставка на функцијата поради физичкиот инцидент во кој беа нападнати осомничените Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
На прашање на „Макфакс“ зошто уште вчера не поднел оставка туку чекал да го повика премиерот, Котевски не одговори конкретно, само рече дека утрово разговарал со Зоран Заев за темата.
Директорот потврди дека судија за извршување санкции утрово бил во посета на осомничените и дека тие се преместени во т.н. хашко одделение во затворот.
„Додека се случувал инцидентот за 12-мина затвореници на шеталиштето се грижел само еден полициски службеник“, рече Котевски.
Директорот кажа дека вербалниот инцидент го почнале осомничените Јанакиески и Ристовски, кои биле сместени во различни павилјони во затворот.
Извештајот од спроведената интерна истрага во која се сослушани поголем број лица, како и учесниците во инцидентот, ќе биде изготвен најдоцна до понеделник и предаден до Управата за извршување санкции.
Инцидентот се случи вчера, во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари кога ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски прво учествуваа во вербална расправија, а подоцна и во тепачка. По инцидентот двајцата побарале помош од затворскиот лекар, а Јанакиески, кој се жалел на болки, бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“ каде што било констатирано дека нема повреди по што бил вратен во затворот.
Поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески од завчера се во 30-дневен притвор во истражниот затвор во Шуто Оризари. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги осомничи дека се дел од шестемина што ги организирале насилствата во Собранието на 27 април 2017 година. Ѓоко Котевски на функцијата директор во затворот дојде по локалните избори 2017 година откако дотогашниот директор Александар Наумовски стана градоначалник на општина Ѓорче Петров. Пред да биде назначен за директор на затворот, Котевски беше директор на Управата за водење матични книги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

