Македонија
Коцевски во посета на Истражниот центар на ОЈО Скопје: „Мора да биде брз, модерен и ефикасен во прибирањето на доказниот материјал“
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, денеска се запозна со резултатите од работата и организацијата на Истражниот центар во Основното јавно обвинителство Скопје, во кој во моментот работат вкупно 17 истражители специјализирани за истражување разни видови криминал.
Истражниот центар прераснува во своевидно јадро на Обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број дејства – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејства на меѓународна соработка со истражни органи од други земји, информираат од Обвинителството.
„Веќе е реализирано поврзување со Централниот регистар и со базата на податоци на МВР, така што сега практично за само неколку минути можеме да ги обезбедиме податоците за профил на правно лице кое го истражуваме или за идентитет на одредено физичко лице или возило. Во следните денови претстои такво поврзување со базите на податоци на Агенцијата за катастар на недвижностите и со Агенцијата за вработување, со што практично многу ќе се зголеми ефикасноста на постапувањето“, појасни јавниот обвинител Марија Џабирова-Велков, раководител на Истражниот центар на ОЈО Скопје.
Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски нагласи дека Истражниот центар е приоритет за Основното јавно обвинителство Скопје од аспект на овозможување сите потребни финансиски и кадровски ресурси за негово непречено функционирање. „Најбргу што може ќе бидат донесени сите акти за внатрешно функционирање на Истражниот центар, а истражителите ќе добијат дополнителни обуки и стандардни оперативни процедури, кои треба да ги користат при водењето на финансиските истраги“, најави Бубевски.
Државниот јавен обвинител Коцевски изрази задоволство од постигнатите резултати на Истражниот центар на ОЈО Скопје и побара од истражителите своето искуство и начинот на функционирање да го пренесат и во другите обвинителства во кои се формирани вакви центри. „Истражниот центар мора да биде брз, модерен и ефикасен во прибирањето на доказниот материјал. Вие во основните јавни обвинителства практично ги преземате првите дејства во една постапка и ги одредувате натамошниот тек и ефикасноста на предметите“, рече Коцевски.
Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД. Истражни центри се формирани и во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како и во основните јавни обвинителства во Тетово и Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожарникарите извлекоа паднат човек во реката Драгор
Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Битола од 18.45 до 19.35 часот, со четири пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на извлекување паднат човек во река Драгор кај месноста „Сали Мост“.
Паднатото лице не било повредено.
Од ЦУК апелираат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита… и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Скопје
Делови од три скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија, Регионалниот центар за управување со кризи информира дека поради реконструкција денеска без снабдување со електрична енергија ќе останат делови од три скопски општини.
Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без напојување ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром.
Во периодот од 10:30 до 14:30 часот без напојување ќе останат корисниците дел од улица 16, на патот кон Визбегово во општина Карпош.
Во периодот од 13:00 до 14:30 часот без напојување ќе останат објектите на градинката Росица, на улица Мечкин Камен, број 45А. во општина Ѓорче Петров.