Македонија
Коце Трајановски нема да биде гонет за конкурсот за Водовод, застарело делото
Ексградоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и уште три други лица нема кривично да одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со изборот на директор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, потврдија од Скопското обвинителство за „Макфакс“.
Кривичната пријава на полицијата била отфрлена бидејќи изминало времето кога Трајановски и останатите можеле кривично да одговараат, односно застарело делото за кривичен прогон.
„Одлуката за избор на директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје е донесена и потпишана на 11.02.2015 година, па согласно тоа застареноста на кривичното гонење за Коце Трајановски кој, извршувајќи ја функцијата градоначалник лично ја донел и потпишал одлуката, настапила на 11.02.2018 година. Застареноста за претседателот и двајца членови на комисијата за спроведување на постапката за избор настапила на 22.01.2018 година, кога изминале три години од дејствијата на пријавените кои го исполнуваат битието на делото“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.
Кривичната пријава од СВР-Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје беше доставена на во март 2019 година, односно повеќе од една година по истекот на рокот за застареност. Решението за отфрлање било доставено до оштетеното Јавно претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје, кое не се жалело на одлуката. До Скопското обвинителство, СВР-Скопје, преку Бирото за јавна безбедност, Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против четири лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.1 од Кривичниот законик, за конкурсот за избор на директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје.
За наведеното кривично дело законодавецот предвидел казна затвор од шест месеци до три години, а според Кривичниот законик, кривичното гонење не може да се преземе ако поминат три години од извршувањето на кривичното дело за кое е предвидена казна затвор над една година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно со дожд и засилен јужен ветер, заладување кон крајот на неделата
Времето денес ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа засилен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 14 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе надминат 20 литри на метар квадратен. До среда ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Во четврток и петок ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе услови пад на температурите.
Македонија
Денес ќе биде погребан Зоки Панкер
Последното збогување со Зоран Тодоровски – Панкер, сопственик на клубот „Балет“ ќе се одржи денес, 5 јануари, на Градските гробишта Бутел.
Капелата ќе биде отворена од 13:00 до 14:30 часот, а погребот ќе се одржи по завршувањето на обредот во капелата.
„Скопје се простува со човек кој остави трага, дух и став. Нека почива во мир“, наведуваат неговите пријатели на социјалните мрежи.
Македонија
Мицкоски за Венецуела: Апсолутно стоиме до потезите на САД
Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за позицијата на нашата држава во однос на приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД, кое министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера го поздрави, наспроти воздржаноста на земјите во Европа кон оваа акција и нивниот став дека со неа се поткопува меѓународното право.
Во изјава за медиумите при посетата на Сопиште денеска Мицкоски кажа дека „таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право“.
– И како тогаш сите тие се оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. И како сега наеднаш, сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било меѓународно право итн., имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународноправни експерти. Јас тоа би им го оставил на експертите по меѓународно право. Но, еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб, рече Мицкоски.
На прашање дали е тоа преседан што отсега може да се случи каде било, Мицкоски повторно укажа на случајот со нашата земја и одговори дека „преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН“.
– Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани… Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат… А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, изјави Мицкоски.

