Македонија
Крешник не бил причина за пожарот во Кочани, народот не може да се дефокусира од вистинските виновници: се огласи сопругата на Бектеши
Сопругата на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, се огласи на социјалните мрежи откако нејзиниот сопруг е еден од притворените како инволвиран во трагедијата во кочанската дискотека. Илка Каба-Бектеши изрази сочувство до семејствата на настраданите и вели дека е скршена од болка. Таа вели дека Крешник го пуштиле да си оди дома, но кога се подготвил да излезе од станица, му кажале дека му одредуваат 24-часовна мерка.
„Посакувам Господ да даде сила да ја поднесеме болката на семејствата на загинатите, сите што се лекуваат во и надвор од државата се во нашите молитви.
Душата ми ја изгоре веста за возачот на Итната помош, чие срце застана по таа страшна ноќ, се молам за момчето херој што спаси 21 живот, без да размислува за себе.
Tага за бендот, кој го остави рефренот на половина пат,
сите тие мајки што се молат да не е тоа реалноста, толкава болка.
И кога политиката на земјата ја користи оваа трагедија во страшен ден, во ден на жалост, за политички пазарења, тоа е надвор од секакви човечки норми.
Најпрвин да разјасниме една работа: Крешник не бил уапсен, тој по повикот што го доби од полициската станица, отиде по своја волја.
По 3 минути откога се спрема за излегување, се најавува дека ќе биде осуден на 24 часа, без никакво предупредување или присуство на бранителот, го носат Крешник со врзани раце пред медиумската јавност. Едно можете да бидете сигурни – дека народот не може да се дефокусира од вистинските виновници.
За да се добие согласност од Министерството за економија, првин потребна е согласност од Општина Кочани, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи, Пазарниот инспекторат, па конечно доаѓа Министерството за економија.
Медиумските наслови за апсењето на поранешниот министер се дефокусираа од вистинските виновници, почит кон медиумите што по секоја цена ја пренесуваат вистината.
Адвокатот синоќа ме извести дека обвинителот побарал затворска казна од 30 дена за Крешник.
Сега сѐ почнува за мене како сопруга, како мајка на децата на Крешник. Растевме рамо до рамо во секоја димензија, ова ќе биде само предизвик уште еднаш да си докажеме дека сме го направиле вистинскиот избор.
Главата горе, Крешник, Хана и Трими се гордеат со тебе, знаат дека тато има бело срце, бело како крилјата на пеперутката на која ти ѝ помогна во дворот.
Ние сме со вас и за сите вас“, порача сопругата на Бектеши на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Измени на Законот за електронски комуникации за укинување на трошоците за роаминг
Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.
За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизико интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.
Европската комисија на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година формално извести дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение со кое ќе се овозможи земјите од регионот да пристапат кон инцијативата за „Роаминг како дома“.
Во август 2025 година Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од Европската Унија, како дел од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг и прилози. Согласно акцискиот план се задолжи Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронските комуникации да го спроведе Акцискиот план во кој е утврдено дека најдоцна до 22 декември 2025 година да се изработи и до Владата да се достави детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и релевантните регулативи на Европската Унија, и најдоцна до април 2026 година да изработи законски/подзаконски акти врз основа на деталната анализа.
Македонија
Поради врнежи од снег воведена забрана за камиони и автобуси на патот Тетово-Попова Шапка
Поради врнежи од снег од 07:45 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси, соопшти Автомотосојузот на Македонија.
Претходно АМСМ информираше дека во 5.45 часот изутрина воведена е забрана за камиони и автобуси на патот село Лисец-Попова Шапка.
По целосниот прекин на патот Кичево – Гостивар предизвикан од одрон во 5.40 часот изутрината, екипа од Македонија пат ја исчисти едната сообраќајна лента и сообраќајот од 06.50 часот се одвива наизменично.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата каде се запленети 30 тони дрога
„Наместо спин и манипулација, Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата во која се запленија 30 тони дрога“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека по, како што велат, обидите на Филипче и СДС да ѝ „сервираат“ информации на јавноста околу темата за канабисот, треба да дадат објаснување за фотографија со Тони Котев, сопственик на фирмата „ЦБД Медплант“, која, според ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со нелегална марихуана.
Во соопштението се споменуваат поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека стојат зад процеси поврзани со издавање лиценци за медицински канабис.
Партијата наведува дека во 2020 година имало иницијатива за легализација на марихуаната, а по неуспехот, според нив, следувало масовно издавање лиценци за медицински канабис на лица блиски до СДС. Како што се додава, струмичкиот регион станал центар на производство.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и на измените на Правилникот за одгледување канабис од 2023 година, со кои, според нив, било дозволено одгледување и на отворено, оценувајќи дека тоа е во колизија со законските одредби и ГМП стандардите за медицинско производство.
„По големите заплени на марихуана од компании со лиценци за медицинско производство, каде во прашање се 40 тони, околу 30 тони потекнуваат од ‘ЦБД Медплант’, фирма основана во 2018 година од блиски луѓе до Заев“, се наведува во соопштението.
Од партијата прашуваат каде завршувала марихуаната што, како што тврдат, не можела да се користи како легален медицински производ и дали станува збор за лични или партиски интереси.
Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Јавното обвинителство да ја истражи, како што велат, целосната релација помеѓу Заев и Филипче и нивната можна вмешаност и одговорност во случајот со запленетите 30 тони марихуана, нагласувајќи дека јавноста заслужува транспарентност и еднаквост пред законот.

