Македонија
Кривична пријава за 10 лица: Поранешен директор и затворски полицајци обвинети за бегство на осудени лица
На 24.02.2025 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до ОЈО за ГОКК против десет лица и тоа: Ф.А. (42) за сторени кривични дела „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ, „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ и „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 од КЗ, С.К. (53), П.А. (40), Ѓ.Р. (34), С.П. (48), Т.Н. (37), Е.О. (46), З.М. (35), К.В. (34) за сторени кривични дела „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ, како и против С.К. (33) за сторено кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 став 1 од КЗ.
Пријавениот Ф.А., во својство на директор на КПУ Затвор Скопје, во период од март 2024 до 24.07.2024 со намера на противзаконит начин, привремено да ослободи осудени лица кои издржувале затворски казни во КПУ Затвор Скопје, злоупотребувајќи ја својата службена положба дозволил и наредил повеќе осудени лица од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности кои не им следувале согласно судските одлуки, односно истиот одобрил молби поднесени од осудените лица повремено да го напуштат затворот, по што пријавениот П.А. од позиција на командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на закон и процедурите за спровод, по добиената наредба од директорот Ф.А., изготвил наредба за спровод на осудените лица до нивните домови и други локации за приватни потреби, по што така изготвени биле одобрени од страна на директорот Ф.А., а во неколку наврати биле одобрувани од страна на С.К., вработен како затворски полицаец во КПУ Затвор Скопје, личен возач на Ф.А.. Потоа пријавениот П.А. одобрените наредби ги предавал на пријавените затворски полицајци Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О., З.М. и К.В. со цел извршување на незаконскиот спровод на осудените лица, иако истите знаеле дека таков спровод на осудено лице до домашна адреса врз основа на молба е спротивно на закон и процедурите и подзаконските акти на законот, сепак го извршиле спроводот, каде што ги ослободувале осудените лица да извршуваат приватни работи, а потоа откако ќе поминел одреден временски период (најчесто 8 до 10 часови) пријавените затворски полицајци ги враќале осудените лица назад во затворот. Кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ пријавените затворски полицајци го сториле така што за ваквите незаконски спроводи, биле користени службени возила на установата, за што било потрошено службено гориво, а притоа на дел од пријавените затворски полицајци директорот Ф.А. им одобрувал прекувремени работни часови (вкупно 44 часа исплатена прекувремена работа), со што согласно наведените незаконски дејствија била предизвикана штета на буџетот на Р.С.Македонија, а воедно и мала имотна корист за Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О. и З.М..
Пријавениот С.К. во својство на затворски полицаец кривичното дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ предвидено и казниво по член 372 од КЗ го извршил така што со непреземање на должни мерки и активности при утврдување на бројна состојба на осудени лица, постапил спротивно на член 9, член 13, член 19, член 28, член 44 и член 45 од Правилникот за овластувањата на затворската полиција, начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција, односно не пријавил одредена група на осудени лица при вршење физички проверки за бројна состојба, при што констатирал дека сите осудени лица биле присутни, односно немало отсутни. Додека при извршена контрола поради ненајавен вонреден надзор од страна на стручни лица на Управата за извршување на санкции, констатирано е дека група од 11 осудени лица не биле пријавени дека не биле присутни, а кои биле сместени во импровизирани простории и тоа: „Возен парк“, „Перална“, „Столара“ и „Котлара“.
Во врска со бегството на групата од 11 осудени лица кои казната затвор ја издржувале во КПУ Затвор Скопје, поради фактот дека пријавениот Ф.А. во својство на директор на установата, иако бил должен да преземе соодветни мерки, во однос на импровизираните простории кои не исполнуваат законски услови за сместување на осудени лица, истиот не ги презел наведените активности и им овозможил на осудените лица да бидат сместени во импровизираните простории без посебен надзор како што налага Законот за извршување на санкции, со што постапил спротивно на член 31 од истиот, а со неговите постапки создал и овозможил услови кои што довеле до бегство на 11 осудени лица, а со наведеното пријавениот Ф.А. сторил кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ предвидено и казниво по член 372 од КЗ.
На 27.02.2025 година извршени се претреси во домови кај Ф.А. и С.К, при што тие се лишени од слобода и ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

