Македонија
(Видео) Крмов за законите за автопатите: Ако бидат донесени во Собранието, тоа ќе биде бидејќи ВМРО-ДПМНЕ сака да се донесат
Пратеникот на Левицата, Борислав Крмов, тврди дека донесувањето на законите за изградба на автопатите за кои опозицијата има критики може да се спречи. Според него, законите треба да се разгледаат на четири комисии, од кои со три раководи ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече: „Ако нешто помине, ќе помине затоа што најголемата опозициска партија сака да помине. Ние со два пратеника ќе дадеме сè од себе ова да го спречиме со сите расположливи средства што ги имаме“.
„Сите други комисии може да се сопрат. Други комисии се четири, од кои три ги раководи опозицијата. Да не ја лажат јавноста дека не може да се спречи“, рече Крмов.
Објасни дека изведувачот „Бектел и Енка“ ќе има низа привилегии со измена на законите.
„Тие закони, иако беа предложени од пратеници – не се сомневаме дека се од Владата. Не беа ставени на увид, а Деловникот беше прекршен, не добивме 10 дена, туку максимум пет дена за материјалите и два дена за седницата. И само на кратко, со тие првично 9, сега 8 законски решенија, што всушност се носи… Конзорциумот ‘Бектел и Енка’, кој е изведувач, ќе биде ослободен од ДДВ, ќе биде ослободен од увоз, акцизата за енергенти ќе му се враќа, кога ќе се прави експропријација на земјиштето, нема да се чека конечна одлука, а македонските граѓани се тужат со државата или конзорциумот, ќе се фрла бетон или асфалт на нивната земја. Одобрувањето градежен проект се скратува – ќе може да се гради без проект. Полесна пренамена на земјоделското земјиште, ќе се сечат шуми, работа во недела – ова од Законот за работните односи и зголемување на осумчасовното работно време иако во државата имаме 40-часовно работно време. Влегуваме во вид на корпоративен феудализам, каде што за корпорациите не важат законите, туку тие ќе важат само за обичните смртници“, рече Крмов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работна средба на претседателот на Уставниот суд, Костадиновски и италијанскиот амбасадор Силвестри
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судијата, Ана Павловска-Данева денеска остварија работна средба со Н.Е. Амбасадорот на Република Италија, Адреа Силвестри.
Централна тема на разговор беше испитување на можностите за остварување на билатерална соработка помеѓу уставните судови на двете држави.
Претседателот Костадиновски го информираше амбасадорот Силвестри за приоритетите во неговиот мандат.
Амбадсадорот Силвестри пројави интерес за прашањата поврзани со обезбедувањето на независноста и самостојноста на Судот, како и за транспарентноста и отвореноста на Уставниот суд.
На средбата беа разменети мислења на теми поврзани со реформирање на правосудниот систем, при што судиите проф. д-р Ана Павловска-Данева и д-р Костадиновски изразија надеж дека реформскиот процес во сферата на правосудството ќе се одвива во согласност со Уставот и во рамките на уставните принципи.
Амбасадорот Силвестри изрази поддршка за најавените приоритети и најави дека лично ќе се заложи за унапредување на билатералните односи во полето на уставното судство и подобрување на севкупната соработка.
Македонија
„Уште седум нови барања за апанажа – 750 000 евра го чинат народот поранешните функционери на ДПМНЕ, СДС и ДУИ“, велат од партијата Левица
Пред околу две недели собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им одобри апанажа, во траење од една година, на 29 пратеника од минатиот парламентарен состав. Тие на товар на граѓаните, од народниот буџет ќе примаат надоместок од околу 600 000 евра, велат од партијата Левица.
„На овие 29 системски паразити, кои бесрамно ги цицаат народните пари за време на рекордна сиромаштија, деновиве им се приклучуваат уште седум пратеници од претходниот состав: Арбен Зибери, Вјолца Адеми и Бедри Фазли од ДУИ, Снежана Калеска – Ванчева и Љатифе Шиковска од СДСМ, Енес Ибрахим од Партија за движење на Турците и Бастри Бајрами од Беса, со што дополнително ќе се исцицаат над 150 000 евра од народниот буџет.
Ова претставува последниот од долгата низа на показатели за еклатантна класна дискриминација во македонското општество, во коешто системот функционира, единствено, за задоволување на потребите на богатите економски и политички елити, додека нормално четиричлено семејство не може да ја задоволи ниту минималната синдикална кошничка од 1000 евра.
Ја потсетуваме јавноста дека, единствено, пратеникот од редовите на политичката партија Левица, Борислав Крмов, кој согласно нашата програма и идеолошка определба, како и нашиот предлог-закон за укинување на апанажата предложен уште во 2022 година, а кој беше одбиен од страна на широката коалиција СДС-ДПМНЕ-ВЛЕН-ДУИ, беше единствениот народен пратеник кој гласаше против“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Филипче од Атина: Преку Договорот од Преспа спорот го трансформиравме во соработка
Д-р Венко Филипче, директор на Фондацијата „Едно општество за сите“ денеска имаше обраќање на дводневната меѓународна Конференција за мир и одржлив развој што се одржува во Атина, Грција. Конференцијата е заедничка платформа на Фондацијата Заев „Едно општество за сите“ и Институтот Алексис Ципрас од Грција организирана по повод шестгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа во 2018 година.
Договорот од Преспа претставува историски момент на лидерство благодарение на кој спор беше трансформиран во соработка.
Ова го истакна д-р Венко Филипче, директор на Фондацијата Заев „Едно општество за сите“ во своето обраќање на отворањето на меѓународната Конференција за мир и одржлив развој што се одржува во Атина, Грција.
„Договорот од Преспа е доказ дека дури и најтешките спорови можат да бидат решени кога лидерите како приоритет го имаат заедничкото добро за сите пред сè останато. Тој нè потсетува дека вистинското лидерство не значи само задржување на власта туку и негување на доверба и градење на мостови“, рече Филипче во своето обраќање.
Конференцијата, како платформа за соработка воспоставена од Фондацијата „Едно општество за сите“ и Институтот Алексис Ципрас од Грција ја реафирмира споделената посветеност за негување на свет каде што единството, мирот и одржливиот развој не се само идеали, туку и реалност во којашто живееме, потенцираше Филипче.
„Нашето мото „Едно општество за сите“ има длабоко значење во време во кое силите на поделбата се во пораст. Нашата сила е во различноста, а инклузивноста е камен темелник за просперитетна иднина. Нашиот колективен успех лежи во способноста да се обединиме, да ги негуваме различностите и да работиме неуморно за создавање на општествово каде што се вреднува секој човек“, истакна Филипче.
Работејќи заедно за идеалите како мир, оджлив развој и единство оставаме наследство за идните генерации – наследство со кое можеме сите да се гордееме, завршува Филипче.
Дводневната конференција се одржува по повод шестгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.
На неа учествуваат политичари, експерти, премиери, поранешни шефови на држави и премиери, европски комесари, академици од Европа, Балканот како и специјалниот претставник на ОН за прашањето за името Метју Нимиц.