Македонија
Крмов: Секогаш кога треба да се направи шверцерај, тоа се прави итно, нè фаќаат на препад поради „Бехтел и Енка“
Борислав Крмов од Левицата го предупреди претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека седницата со предлози за измени на девет закони во корист на изведувачот на автопатските делници „Бехтел и Енка“ ниту смеела ниту требало да се одржи. Тој се повика на Деловникот, кој, според него, не бил почитуван оти пратениците немале доволно време да ги разгледаат материјалите за вака сериозни измени на девет закони. Крмов ја даде забелешката откога беа повлечени предложените измени на Законот за заштита на културното наследство, но некои од другите предлози за измени на законите добија поддршка.
„Оваа седница во суштина не смее и не треба да се одржи. Најгрубо е прекршен член 68, кој вели ‘решението за свикување седница на Собранието со предлогот на дневниот ред и материјалите по прашањата што се предлагаат на дневниот ред на седницата на пратениците им се доставуваат најмалку десет работни дена пред денот определен за одржување на седницата’. Овие материјали ни се доставени на трети, тоа е максимум пет дена, а седницата е закажана на шести, тоа се максимум два работни дена. Вие можете по став 2 да си го толкувате како итен случај, ама не може секогаш кога треба нешто да се истурка на сила и да се направи шверцерај, да биде итен случај“, рече пратеникот Крмов.
Тој потсети дека изведувачот „Бехтел и Енка“ го следат коруптивни скандали и во другите земји во регионот и рече дека материјалите за измените на законите не биле никаде објавени.
„Материјали за вакви битни закони не беа ставени ни на ЕНЕР, не беа ставени никаде. Ги фаќате и јавноста и опозицијата на препад. И тоа за што, за еден конзорциум ‘Бехтел и Енка’, кој не само во Македонија туку и во Косово, во Албанија, во Хрватска, во Романија има исти вакви криминални случаи. Со овие девет закони или сега осум ние целиот правен систем го превртуваме на глава. За ‘Бехтел и Енка’ не важат никакви закони. Тие ќе газат преку шуми, преку земјоделски земјишта, требаше да газат преку археолошки наоѓалишта, ќе кршат работнички права, што сакаат ќе прават, само да се истурка овој криминал, што без анекси треба да вреди милијарда и седумстотини милиони евра, а којзнае каде ќе го дотерате со анексите“, рече Крмов.
На пратениците од мнозинството што гласаат против на дневен ред да бидат ставени точките што ги предвидуваат измените на деветте закони за „Бехтел и Енка“, Крмов им порача да излезат доколку навистина се против.
„Тројца до петмина колеги од мнозинството, баш забележав, се против. Не перете се со гласање против. Моментно кворумот е 62-63, излезете. Ве повикувам, ако вие навистина сте против овие предлог-закони – излезете, срушете го кворумот и оваа седница ќе застане. Ние другите, јас можам да зборувам за партијата Левица, ние ќе дадеме сè од себе да ве спречиме“, рече пратеникот Крмов.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, објасни дека на ЕНЕР се објавуваат измените на законите кога ги предлага Владата, но не и кога ги предлагаат пратеници, како во овој случај, а во однос на пократкиот период за разгледување на материјалите и свикувањето на седницата рече дека го искористил правото што го има како претседател на Собранието.
„Кога цитирате дел од Деловникот, кажете го до крај. Став 2 не зборува за итна постапка, зборува за правото на претседателот на Собранието во рок пократок од десет дена да може да свикува седница и врз основа на ова е свикана седницата. Не е итно свикувањето седница, за итни постапки се други членови од Деловникот, ова за коректност кога веќе комуницирате со јавноста. На ЕНЕР не одат предлозите од пратениците, доколку не сте занеле, еве можност да разберете. Таму одат нацртите, драфт-верзиите од Владата како овластена институција за предлагање закони. Значи, предлозите на пратениците не одат на ЕНЕР“, рече претседателот Џафери.
Откога пратениците изгласаа сите измени на законите за „Бехтел и Енка“ да бидат ставени на дневен ред, освен измената на Законот за заштита на културното наследство, кој беше повлечен, Џафери ја прекина седницата и најави дека за нејзино продолжува пратениците ќе бидат дополнително известени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

