Македонија
Кројачот Ангелковски, Леб и сол и Дејвид Боуви меѓу можните нови имиња на улици во Скопје
Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за дополнување на листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје. Меѓу предложените личности според кои во иднина може да се именуваат улици во
главниот град се: музичките групи „Леб и сол“, „Лева патика“ и „Бис-без“, светските рок-икони Дејвид Боуви и Френк Запа, скопскиот легендарен Кројач Ангелковски, неодамна починатиот политичар Фаик Абди, американскиот астронаут Нил Армстронг, косовскиот политичар Ибрахим Ругова, српскиот и југословенски актер Љубиша Самарџиќ, Шабан Трстена, Кензо Танге, Зигмунд Фројд и Свети Сава.
Со усвојувањето на ова дополнување, постоечкиот регистер на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име. Листата опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња.
Со ова дополнување на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани кои оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење.
Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека, пак, останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на
солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот.
Град Скопје спроведе онлајн анкета во летото 2019 година на која граѓаните ги дадоа своите предлози за имиња на градските улици, а листата беше дополнета и со други формално доставени иницијативи.
Во листата се вклучени имињата на народни херои и други носители на позначајни државни одликувања, познати личности и настани од светската историја, имињата на скопските градоначалници, ректори на скопскиот универзитет, академици, државници, стопанственици, научници, спортисти, уметници и др.
Согласно Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти Името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња.
Законот предвидува две одделни постапки за утврдување на имиња и нивно задавање не конкретни топоними. Листата на имиња ја утврдува Советот на Град Скопје, по претходно добиена согласност од Владата. При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење по неа.
По добиената согласност од Владата Советот на Град Скопје ја усвојува листата, а дури потоа може да се пристапи кон менување на конкретни имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, коишто се менуваат со посебни одлуки на Советот.
Сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје согласно овој закон предвидено е да се црпат исклучиво од оваа листа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда.
Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

