Македонија
Кузеска: Каде е милијардата на Мицкоски за борба против загадувањето
Скопје неколку дена по ред е меѓу најзагадените градови во светот. И во други наши градови граѓаните дишат загаден воздух. Последиците се на директна штета на најважното, здравјето на луѓето. ВМРО-ДПМНЕ кога ја бараше довербата од граѓаните ветуваше активна борба со аерозагадувањето, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа 1198, стои, дека, цитирам, приоритетни програмски определби на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во областа на заштитата на животната средина ќе бидат: План за обезбедување на чист воздух за сите! Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски ветуваше над 1 милијарда евра инвестиции за заштита на животната средина и ветуваше намалување на загадувањето до 50%. Каде е сега милијардата којашто ја најавуваше Мицкоски за борба против загадувањето? Каде се мерките за намалување на загадувањето за 50%?“, прашува Кузеска и додава дека ова е уште едно разочарување уште едно неисполнето ветување на Мицкоски.
„Граѓаните гледаат дека власта и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не преземаат ништо за загадениот воздух. Во мандатот на СДСМ се преземаа серија на мерки, почнувајќи од стратешките инвестиции во гасификацијата, проектите за еколошки јавен транспорт па се до конкретни мерки за финансирање на замена на нееколошки системи во домаќинството, јавните установи, градинки училишта. Во Град Скопје се набавија нови 33 еколошки автобуси на гас, се направија 300.000 м2 со ново зеленило и се засадија над 20.000 нови дрвја и садници. Во средните и основните училишта се поставија енергетски фасади и прочистувачи на воздух, заменети беа котлите за греење на државните згради и во училиштата. Овие мерки придонесоа за одредено намалување на просекот на концентрацијата на штетни честички во воздухот и требаше да се засилат и да се унапредат“, истакнува Кузеска.
Како што тврди, дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт и не се прави ништо. Ниту има мерки, ниту има борба против загадувањето.
„Нема нови автобуси, нема еколошки транспорт, нема ниту нови зелени површни, паркови, засадени дрвја. Депониите не се чистат, ѓубре има на секој чекор, не гледаме ниту еден еколошки проект ниту пак мерки за намалување на загадувањето. Дури и долгорочните проекти за еколошки јавен транспорт како проектот БТР иако е со целосно обезбедени пари, ВМРО-ДПМНЕ ги запре. ВМРО-ДПМНЕ не смее да го игнорира ова важно прашање за здравјето на граѓаните и мора веднаш да преземе мерки против загадувањето“, завршува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

