Македонија
(Видео) Кузеска: Нема промена, стари инкриминирани кадри од режимот го советуваат Мицкоски
„Веќе видени, стари инкриминиари кадри на ДПМНЕ од времето на режимот ќе го советуваат премиерот Мицкоски. Наместо промени и реформи кои ги ветуваше Мицкоски донесе рециклиран режим, верзија 2.0. Поранешниот министер за финансии, Зоран Ставревски, познат по катастрофалните политики „немаме за леб а трошиме за чоколадо“, кои ги осиромашија граѓаните и секако фразата „ние сме лудаци“ кажана лично од него. Какви совети може да дава Ставревски? Па еве веќе гледаме, луѓето немаат за леб, се поскапува а владата сака да купува авион“, вели Богданка Кузеска-портпаролка на СДСМ.
„Наместо за граѓаните владата на Мицкоски се грижи за својот луксуз. Платите на работниците не се доволни за да ја покријат синдикалната кошничка. Дебаклот на политиките со кошничките на власта ги наполни џебовите на големите трговци а ги испразија џебовите на граѓаните. А ДПМНЕ ги кара граѓаните да не бараат покачени плати. Меѓу советниците на Мицкоски е и обвинетиот и амнестиран поранешен вицепремер Владимир Пешевски. Познат и како „дил ориентед“ стручњак за „оф шор“ дестинации, проценти и провизии. Јасно е уште сега за кои стратешки прашања ќе го советува Мицкоски. И поранешениот претседател на Собранието, Трајко Велјановски ќе го советувал Мицкоски“, додава Кузеска.
Според неа ова е потврда дека сите погрешни, штетни политики на режимот на Груевски живеат во Владата на Мицкоски.
„Нема промена во ДПМНЕ и со оваа влада не може да се очкува ништо добро, економијата ќе продолжи да тоне, стандардот на граѓаните да се намалува, додека власта граба пари само за себе“, завршува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Зошто СДС се во паника и хистерија, имаат ли страв од исказот на Груби
ВМРО-ДПМНЕ апсолутно го разбира и оправдува револтот на граѓаните по одлуката на правосудните органи за куќен притвор на криминалецот Артан Груби.
Ги поздравувавме и Владините институции кои си ја завршија работата и го доведоа пред лицето на правдата, криминалецот Груби кој избега пред година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната Лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме, додава тој, одлуката на судот да биде во заштита на правдата, а не соучесник во неправдата.
„Но, она коешто е уште поважно е дека СДС, партијата која соработуваше и молчеше кога Груби правеше криминал, се исплаши до срж, затоа што не знаат што се Груби може да каже. Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други“.
Вистината е една и единствена, вели тој и додава дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите, како што истакнува, заедно ќе се соочат со правдата и ќе одговараат.
„Затоа е и паниката и нервозата во редовите на СДС, стравот од одговорност им влегол длабоко во коски.
Судскиот процес за Груби, екс вицепремиерот и министер во владата на СДС, почнува допрва, по судските клупи друштво ќе му прават и сите негови криминогени ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Кривична за прилепчанец поради сомнеж дека фалсификувал свидетелство за да полага за возачка
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.А. (49) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“, информираат од МВР.
Според билтенот, во септември 2025 година пријавениот изработил лажна исправа – свидетелство на негово име, наводно издадено од основно училиште за завршено осмо одделение.
Како што наведуваат од МВР, тој имал намера документот да го употреби за пријавување во авто школа за полагање на возачки испит, иако имал завршено четврто одделение.
Македонија
Перински во посета на Општина Куманово во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денес ја посети Општина Куманово, при што оствари работна средба со градоначалникот Максим Димитриевски и членовите на Советот.
На средбата се разговараше за повеќе прашања од значење за граѓаните и за понатамошниот развој на општината, со посебен акцент на конкретни решенија, подобра координација и поефикасно искористување на расположливите механизми за поддршка.
Перински ги информираше присутните и за динамиката на активностите на Министерството во наредниот период, при што беше нагласен јасниот фокус на институцијата – зајакнување на локалните капацитети, поддршка на развојни проекти, создавање на услови за поттикнување на меѓуопштинска соработка и подобрување на услугите за граѓаните.
Во рамки на посетата беше посочено дека од минатата недела се активни двата јавни повика на министерството, наменети за проекти што придонесуваат кон рамномерниот регионален развој — преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој. За оваа намена се издвоени вкупно 223.423.000 денари. „Ги охрабрувам сите општини активно да ги искористат овие повици и да аплицираат со квалитетни предлог-проекти“, порача Перински.
При посета на општината се изврши и увид во проектот „Урбано зеленило за здраво дишење“, кој се реализира во рамки на првиот повик од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) со Бугарија, во рамки на Приоритет 1: Позелен пограничен регион.
Проектот е насочен кон унапредување на квалитетот на животот и здравјето на граѓаните во прекуграничниот регион Ќустендил – Куманово преку развој на зелена инфраструктура.
„Да ги зголемиме зелените површини во градов, со цел почиста животна средина, со акцент на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со примена на една од долгорочните мерки за намалување на загадувањето, а тоа е оззеленување и пошумување со квалитетни садници.“, нагласи градоначалникот Димитриевски.
Вкупната вредност на проектот за Куманово изнесува 343.090 евра, од кои 15% се кофинансирање од Министерството за локална самоуправа. Проектот опфаќа засадување на 510 дрвја и уредување на мали урбани градини на три кружни текови како и активности насочени кон подготовка на стратешки и „меки“ мерки за развој на зелената инфраструктура и зајакнување на капацитетите на партнерите.

