Македонија
Кузеска: Само во последните 3 месеци иста фирма добила три тендери со пет договори во неколку скопски општини, сите предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ
„Денеска, СДСМ го отвора првиот од серијата скандали поврзани со тендерите на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе изнесеме низа одатоци и сомнежи за длабока корупција, сонежи за матни тендери во речиси сите општини предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Дури и со пари од унгарскиот кредит. Во фокусот се милионските тендери што завршуваат кај едни исти фирми. Дури и фирми со сомнително минато, кои биле гонети токму за злоупотреби и местење тендери, а кои последно земаат пари, и тоа од унгарскиот кредит“, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Дали е тоа поентата на унгарскиот кредит и каде завршуваат овие пари? Денеска го отвораме првиот скандал поврзан со компанија, која, верувале или не, работи на 50-ина јавни набавки во општини што ги води ВМРО-ДПМНЕ. Да биде скандалот поголем, компанијата претходно, во 2020 година, е осомничена токму за местење тендери во јавните набавки, погодете каде – во општина Зелениково предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за фирмата ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО увоз-извоз Скопје, во четири години добила 50-ина тендери вредни 10 милиони евра, речиси сите од општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ“, посочува Кузеска.
Додава дека само во последните 3 месеци истата фирма добила три тендери со пет договори во неколку скопски општини, сите предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа фирма веќе била гонета за местење тендери во 2020 година кога Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против поранешниот градоначалник на Зелениково и шест други лица. До денес, таа е омилената фирма на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ која контуниирано со години добива тендери. Само за пример добила 13 тендери во Општина Гази Баба, 9 во Кавадарци, а во последните месеци ги освојува и тендерите во Бутел, Кисела Вода и Аеродром. Последните тендери кои ги добила се финансирани од унгарскиот кредит, кој граѓаните ќе го враќаат со високи камати. Индикативно е што понудената цена и постигнатата цена се во речиси сите случаи исти, односно нема пад на цените. Дали однапред се знаеле условите?“ истакнува Кузеска и прашува:
„Дали градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ им овозможиле ексклузивен пристап до информациите? Клучно е каде завршуваат парите од унгарскиот кредит? Парите од овој кредит не се бесплатни – тие се враќаат од буџетот, односно од парите на граѓаните и тоа со камата:
Jавноста има право да знае:
● Дали ова е механизам за финансирање на партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ?
● Дали парите завршуваат директно во „белата палата“?
● Дали граѓаните плаќаат огромни камати за унгарските кредити за власта да си ги дели со коруптивни тендери?
Ова не смее да остане само скандал за кој ќе зборуваме денес. Очекуваме надлежните институции да реагираат веднаш!
Очекуваме одговори од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ
Ова е само почеток – во наредните денови ќе следуваат нови информации и нови скандали“, завршува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

