Македонија
Лашкоска: Владата на Заев ги излажа и експерите и УНЕСКО и сите граѓани на Охрид
Скандалозниот однос на Владата предводена од Заев кон Охрид и Охридскиот Регион добива свои уште поскандалозни продолженија, порача пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска.
„Предлог-законското решение за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, кое е доставено во Собранието, деновиве можевме да видиме и да чуеме дека не е тоа на кое било работено изминатиот период со граѓанските организации запознаени со проблемот. Ова значи дека јавните расправи на оваа тема што биле правени биле буквално фрлени во канта заедно со сите експертски мислења што биле изнесени. Ова само го покажува односот на власта кон експертската јавност“, вели Лашкоска.
Таа дополнително изјави дека можело да се чуе и да види оти Владата тоа што го презентирала пред комитетот на УНЕСКО во Баку не соодествува со тоа што сега како предлог-законско решение го нуди.
„Владата на Заев со ова ги излажа и експерите и УНЕСКО и сите граѓани на Охрид и Република Македонија. Да потсетиме, спротивно на сите насоки, оваа Влада вметнува одредби со кои новиот Совет треба да одлучува со Бадентер, што е спротивно на Уставот, а згора на тоа во Советот да членува и еден надворешен претставник по предлог на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците. Класично политизирање на една тема што треба да ја уредуваат експерти. Да потенцирам, ова не го говори само ВМРО-ДПМНЕ, туку ова го говорат медиумите, експертите и претставниците на невладините организации“, истакна Лашкоска.
Според неа, Заев покажал дека приоритет му е политичкиот пазар наместо угледот на државата, граѓаните и градот Охрид. Тој на политички пазар, вели Лашкоска, е подготвен да ги стави и културните и природните богатства на Охрид и Македонија само да се зачува на власт.
„Затоа, бараме итно да се повлече ова предлог-законско решение од собраниска процедура. Закон за Охрид и за Охридскиот Регион има, кој во сила, и обврските што ги имаат надлежните органи и институции и по овој закон можеа да си ги завршат и лани и пред неколку месеци, но кога веќе ништо не реализирале, им препорачуваме тоа да почнат да го прават уште од денес. Без политизирање, неопходно е да се почне со преземање соодветни мерки со цел да се спречи губењето на статусот на градот во УНЕСКО.
Ако не се почне веднаш, ќе стане очигледно дека и Охрид и Македонија имаат една и единствена дивоградба што го уништува угледот на државата. Тоа е Владата на Зоран Заев, која мора што побргу да се сруши на избори за да им се врати достоинството и на охриѓани и на сите граѓани на Македонија“, заклучи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

