Македонија
Левицата: Додека народот преживува, пратениците украле 320 илјади евра за патни трошоци
Додека обичниот македонски граѓанин живее во невидена сиромаштија и едвај ги задоволува основните потреби за живот, пратениците од жироката коалиција ДПМНЕ – СДС сложно, континуирано и бесрамно ги крадат граѓаните преку веќе озлогласените патни трошоци. Имено, народните избраници во 2023 година потрошиле речиси 20 милиони денари или 320 илјади евра само за патни трошоци, велат од Левицата.
Овој, како што го нарекуваат, крајно лицемерен чин на пратениците, според Левицата, е последен во долгата низа клептомански постапки, каде што владејачките партиски елити континуирано покажуваат дека единствен нивен интерес се личното богатење и уживањето во привилегиите што ги имаат како јавни функционери, а не работењето во интерес на граѓаните.
„Да биде уште потрагично, пратениците што најмногу наплатиле за патни трошоци се комплетно непознати за јавноста, кои во текот на целата година, па и целиот нивен мандат, немаат направено ништо забележително.
На пример, Јадранка Поцкова од ДПМНЕ, која наплатила околу 670.000 денари, Љубица Спасова од СДС со околу 610.000 денари и Миле Талевски од СДС со околу 600.000 денари се дел од пратениците што граѓаните (на чиј грб се богатат, воопшто и не знаат дека постојат“, се истакнува во нивната реакција.
Потсетуваат дека Левицата уште во 2021 година предложи закон за драстично намалување на патните трошоци за пратениците во Собранието, закон што, како што појаснуваат, беше одбиен од ДПМНЕ – СДС иако и двете партии во својата програма декларативно се залагаат за намалување на патните трошоци на функционерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

