Македонија
Левицата: Коридорите 8 и 10 Д ги чека експропријација на повеќе од 50 отсто приватно земјиште
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација е само еден од пакетот закони кои власта сака по секоја цена да ги донесе во понеделник на 112-та собраниска седница по скратена постапка. Овие предлог закони се поврзани со коридорите 8 и 10 Д и се во функција на незаконското работење на власта предводена од ДУИ, истакнуваат од Левицата.
Додаваат дека со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација нема да се надминат проблемите со имотно-правните прашања поврзани со реализацијата на Коридор 8 и Коридор 10 Д, ниту ќе се олесни процесот на експропријација за да се овозможи поефикасна примена на Законот за експропријација за градби кои се од стратешки интерес.
„Повеќе од 50 отсто од земјиштето е во приватна сопственост, а власта без да направи претходна студија ќе заглави со вештачења и судски процеси, со што ќе ги ПРОЛОНГИРА роковите и ќе ја зголеми цената на чинење на проектите.
Непрофесионалното работење на власта доаѓа до израз и со проектите за изградба на овие делници, за кои на почетокот беа најавени 500 – 800 милиони евра, за да достигнат 1,3 милијарди евра, меѓутоа над договорениот износ кој сигурно нема да биде конечен, потребни се најмалку 300 милиони евра за експропријација и многу други скриени трошоци“, подвлекуват во соопштението.
Имајќи предвид, како што велат, дека засега има само иницијален проект и допрва треба да се изработи основен проект и проект за изведба, дури тогаш, вклучувајќи ги и трошоците за експропријација, може да имаме приближна вредност на овие проекти. Буџетот, како што оценуваат дополнително ќе биде оптоварен ако проектите не се финализираат за 4,5 години, како што се случи и со многу други капитални инвестиции за кои народот плаќа огромни пенали, камати и провизии.
„Овој предлог закон, како дел од пакетот закони со кои би се обезбедило низа привилегии за американско-турскиот конзорзиум „Бехтел и Енка”, e спротивен на јавниот интерес на Републиката и затоа Левица ќе биде против негово донесување“, се истакнува во реакцијата од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

