Македонија
Левицата: Албанска академија за науките како дел од проектот за федерализација

„Трендот на создавање паралелни национални институции со што дополнително се урнисува унитарниот карактер на Република Македонија, продолжува во исто темпо и со новата власт предводена од ДПМНЕ“, велат од Левица.
„Имено, новиот партнер на ДПМНЕ во власта, ВРЕДИ, наместо да донесе нови, прогресивни идеи (ослободени од етно-трибализмот), повторно демонстрира дека нивното практикување власт, по над дваесетте години на ДУИ, не значи промена – туку замена. Во ниту една унитарна држава НЕ постојат две паралелни научни академии, затоа што науката не може да биде заробена од етнички концепти. Ваквите етно-шовинистички барања на ВРЕДИ единствено ја продлабочуваат веќе длабоко наметната бинационална држава и дополнително водат кон федерализација“, соопштуваат од Левица и додаваат:
„Додека партнерите од власта ДПМНЕ и ЗНАМ се “изненадени” од ваквите изблици, потсетуваме дека токму Билал Касами од ВРЕДИ отворено ги има промовирано своите великоалбански претензии, па дури и изјавуваше дека Македонија (после Косово) ќе стане трета албанска држава. Наместо поништување на штетните политики кои длабоко го дезинтегрираа македонското општество и доведоа до негова либанизација, јасно е дека и новата владејачка гарнитура нема капацитет, ниту пак политичка волја за враќање на унитарноста на македонската држава“,
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.