Македонија
Левицата: Антикорупциската цела година не поведува постапка против директорот на Агенцијата за разузнавање
Цела година антикорупциската комисија одбива да отвори предмет против директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, иако до институцијата се доставени три приговори за постоење судир на интереси во работата на Агенцијата, соопшти Левицата.
„Според сомневањата, Муслиу спротивно на Законот за спречување на корупцијата го вработил лицето Васко Шутаров, кој претходно бил ангажиран во невладината организација ‘Нексус’, каде што извршна директорка е токму неговата сопруга – Афродита Муслиу. Ако се разгледаат извештаите на оваа невладина организација, речиси и да нема никаква разлика со владината пропаганда за шиканирање неистомисленици.
Дополнително, против Муслиу е поднесен приговор дека без распишување јавен оглас во Агенцијата го вработил лицето Фуат Стафа, брат на државниот правобранител Фехми Стафа. Ако се има предвид фактот дека Државниот правобранител ја застапува Агенцијата за разузнавање за работни спорови иницирани од вработени во Агенцијата, евидентна е намерата за влијание врз оваа установа и загрозување на правата на вработените.
Уште минатата година од кабинетот на претседателот Пендаровски под плаштот за наводна загриженост за работата на безбедносните служби упатија апел антикорупциската комисија да ги разгледа овие наводи и да утврди дали постои одговорност кај директорот Муслиу. И покрај сериозните обвинувања за незаконско работење и одавање државни тајни со кое се компромитира работата на безбедносните служби, антикорупциската комисија цела година одбива да отвори предмет против Еролд Муслиу и да преземе соодветни дејства преку кои ќе ги потврди или отфли наведените сомнежи.
Токму почетокот на работењето на антикорупциската комисија го бележеше засилено отворање предмети по разни пријави, што резултира со нејзина привидна ефикасност, која во јавноста ги третира помалите корупциски скандали на сметка на покрупните афери. Професионалноста и објективноста на оваа комисија е евидентно нарушена, со оглед на тоа дека комисијата, без речиси никакви административни филтри, експресно поведува иницијативи против функционери што не се дел од оваа власт, а кои често се отфрлени поради нивната недоволна правна поткрепеност. Молкот и непостапувањето за прекршувања на законите од страна на највисок функционер на институција е јасен доказ дека и оваа комисија е узурпирана од интересите на власта и претставува продолжена рака за штитење на нејзините криминали, без никакви санкции за сторителите“, се наведува во реакцијата на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

