Македонија
Левицата: Асистентите за деца со попреченост целосно заборавени од државата
Од партијата Левица реагираат дека асистентите за деца со попреченост се целосно заборавени од Владата и дека некои од нив најавуваат тужби против општините, кои не им ги продолжиле договорите за работа.
„Деновиве до нас реагираа неколку асистенти за деца со попреченост, кои се револтирани од третманот на државните институции. Имено, овие асистенти (кои биле ангажирани преку проект на УНДП) добиле известување од општините во мај дека договорот им завршил во март! И покрај настанатата криза, поради специфичноста на самиот ангажман, асистентите сепак биле ангажирани со децата. Некои од асистентите не се откажуваат од своите права и најавуваат тужби против општините.
Иако владата на СДСМ декларативно се залага за зголемена инклузија на лицата со попреченост, сепак и оваа година асистентите што ќе бидат ангажирани за работа во најголем дел ќе бидат исплатени преку средства на УНДП. Дополнително, месечниот надомест, кој ќе го добијат ангажираните асистенти е под 9.000 денари. Оттука, јавно прашуваме: дали министерската Царовска би прифатила да работи за тој износ и дали смета дека е правичен?
Иако Законот за основното образование за учениците со попреченост предвидува образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за процена – во пракса сето ова изостанува. Буџетски средства речиси и да не се издвојуваат за овие лица и нивниот ангажман зависи од милосрдноста на разни фондации.
Во услови кога енормни државни средства се издвојуваат за рамковна администрација,, која не оди на работа, за луксузи на фунцкионерите и нивните патни трошоци – инклузивноста на лицата со попреченост останува на маргините и за старо-новата Влада“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

