Македонија
Левицата: Институциите премолчуваат глорификација на терористи и прекршување на Законот за јазиците
До Левица пристигнаа информации дека во општината Липково, улица во селото Матејче, од 2021 година го носи името на, како што стои во официјалното соопштение на општината, „маченик на нацијата“, односно, припадник на терористичката УЧК – Иљаша Мемеди. Дополнително, најголем дел од сообраќајните табли во општината со која раководи кадар на ДУИ, се напишани единствено на албански јазик, што е спротивно на Законот за употреба на јазиците, велат од Левица.
„Согласно овој закон, член 1, став 1: „на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“, – а за прекршување на овој член, предвидена е казнена, глоба од 4 000 до 5 000 евра! Оваа комбинација на глорифицирање на необалисти и терорист, како и прекршување на законите на Република Македонија, се најголем показател за целосното непочитување на Републиката, од страна на необалистичките политички субјекти, кои додека живеат и се богатат од една држава, сонуваат и работат за друга“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Левица јa повикува централната власт и Инспекторат за употреба на јазиците да го оправда своето постоење, и како институција да го санкционира ова однесување на градоначалникот на општина Липково – Еркан Арифи! Ваквите постапки, освен што ја крши законската регулативна, дополнително претставуваат тенденција која го поткопува унитарниот карактер на државата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

