Македонија
Левица: Костовски од Бутел потрошил, речиси 27. 000 евра за четири дена снег
Според Левица, фирмата „Анизор Дооел Скопје” имала склучено Договор за зимско одржување на локалните улици и патишта на територија на општина Бутел за зимската сезона 2022/2023 година со вредност на договорот од 4 720 000 денари (76748 евра).
Од партијата на Апасиев реагираат дека во зимската сезона на територија на општина Бутел, мали снежни наноси имало еднаш, а снежна покривка не поголема од 3 см, не се задржала повеќе од 4 дена.
„И покрај ова, согласно Годишниот извештај на Општина Бутел, посочената фирма на локалните улици во Бутел истурила неверојатни 94 тони индустриска сол како абразивно средство за што се потрошени 1 642 676 денари (26 700 евра).
Го прашуваме градоначалникот Костовски од редовите на ДПМНЕ:
Како е можно општина Бутел за 4 дена при многу благи снежни наноси да потроши повеќе од 1/3 од предвидениот буџет за одржување на локалните улици во зимски услови?
Воедно, ги потсетуваме жителите на општина Бутел дека Општината го има формирано ЈКП „Бутел”.
Општина Бутел со истата фирма има склучено Договор за зимско одржување на локалните улици и патишта во општината за сезоната 2023/2024 год., а Фирмата „Анизор Дооел Скопје” е омилена фирма и на градоначалниците на Општина Ѓорче Петров (65 041 евра), Кисела Вода (48 780 евра), Карпош (97 561 евра) и Центар (116 098 евра)“, велат од Левица.
Додаваат дека нивната партија во континуитет ќе ја следи општинската администрација и ќе ги информира жителите на Бутел за сите можни злоупотреби на нивните пари.
„Левица се бори против расипничкото работење на криминогените партии од триото ДПМНЕ-ДУИ-СДС, кои јавните претпријатија ги користат само за партиски услуги, а јавните услуги ги вршат приватни компании блиски до нив и го цедат буџетот на граѓаните“, посочуваат од оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.