Македонија
Левица: Маричиќ продал археолошко наоѓалиште на Анѓушев за поставување на фотоволтаици

Маричиќ продал археолошко наоѓалиште на Анѓушев за поставување на фотоволтаици, само Левица гласаше против.
Од партијата велат дека приватната компанија поставила фотоволтаици над археолошкото наоѓалиште Градиште во Кавадарци, а за тоа добила зелено светло од Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија.
„Станува збор за поставување на панели, како и копање на довод на површина на опфат од фрапантни 0,9 хектари заштитена зона (археолошко наоѓалиште) оттуѓено од Република Македонија со потпис на Бојан Маричиќ. Инвеститор е фирмата ‘Енерџи меинтененс солушнс’ (ЕМС), дел од конзорциумот „Фероинвест“, во сопственост на поранешниот вицепремиер на СДС, Кочо Анѓушев, управувана од Тодор Анѓушев. Општина Кавадарци, пак, во август, 2023 добила барање од фирмата (уште пред да го откупи земјиштето) за урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за изградба на кабелски 10(20) кВ подземен вод“, велат од Левица.
По стручно мислење на лице од Националниот конзерваторски центар и по мислење од Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија дека нема културно наследство на парцелите кои инвеститорот ги бара, Советот на Општина Кавадарци, ја изменува Програмата за изработка на урбанистички планови и ја објавува одлуката за тоа во бр.38 Службен гласник на Општина Кавадараци на 30.8.2023 година, три месеци пред, всушност, земјиштето да биде отуѓено.
„Одлуката е донесена со еден глас против од советникот од редовите на Левица, Круме Богевски, и 18 гласа ЗА од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и “независните советници’. Ја повикуваме новоназначената в.д директорка на Управата, Весела Честоева, која до пред два месеца беше директорка токму во Кавадарци, итно и неодложно да излезе во инспекција на фактичката состојба, а потоа Управата да покрене кривична одговорност: против Маричиќ, кој го продал археолошкото наоѓалиште; против претходниот директор на Управата, Аријан Асланај, и стручното лице од Конзерваторскиот центар, кое го издало мислењето!“, додаваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.