Македонија
Левица поднесе кривична пријава против Африм Гаши поради неодземањето на мандатот на Талат Џафери
Пратениците на Левица поднесоа заедничка кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Африм Гаши, заради основано сомневање за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“ – казниво по чл. 353-в од Кривичниот законик, со запретена затворска казна до три години.
Оваа прва пријава против актуелниот собраниски спикер е поднесена поради пропуштање службено дејствие и свесно и злонамерно несовесно и противзаконито постапување во случајот со неодземањето на мандатот на пратеникот Талат Џафери од ДУИ – поради уставна инкомпатибилност и неспојливост на функциите „премиер“ и „пратеник“.
„Пријавениот, согласно императивни одредби од дури четири важечки закони и од Деловникот на Собранието, бил должен да ја констатира состојбата на судир на интереси и кумулација на функции кај Џафери и да го дополни Дневниот ред на првата наредна собраниска пленарна седница – но, истиот одбил да го стори тоа што му било изрична обврска и покрај поднесеното писмено барање од страна на пратеничката група на Левица, како и покрај јавните укажувања на Државната комисија за спречување на корупцијата. Ја известуваме јавноста дека правниот тим на Левица и во иднина будно ќе ја следи законитоста во работењето на новиот собраниски спикер и соодветно ќе реагира на секое противзаконито постапување или непостапување“, велат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Филипче да одговори дали има кредибилитет да води партија?
Сведоштвата на др. Жан Митрев ја разоткрија вистината за начинот на кој Заев и Филипче ја водеа државата. Притисоци, уцени и злоупотреба на институциите за лични интереси, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во ек на пандемија и вонредна состојба, наместо грижа за здравјето на граѓаните, Филипче и Заев ја користеле политичката моќ за преземање на приватната болница Жан Митрев. Ова не е политика наменета за граѓаните, туку е мафијашки модел на дејствување. Дополнително, според јавно изнесените сведоштва, Заев и Филипче сакале сами да ја одредат вредноста на болницата. За возврат нуделе „помош“ во судска постапка на докторот Жан Митрев. Класична уцена и класична злоупотреба на власта. Овие обвинувања не доаѓаат изолирано. Тие се надоврзуваат на долгата низа сомнежи и афери поврзани со Заев и Филипче, златни визи, имот и бизниси во Дубаи, фирми во странство и сомнителни финансиски трансакции. Филипче денес се обидува да се претстави како ново лице, но ја седи фотелјата на Заев и ги спроведува истите политики. Истите луѓе, истите шеми, истата злоупотреба“, рече тој.
Според Петрушевски, прашањето е едноставно, а Филипче треба да го одговори – дали човек со ваков багаж на сомнежи и скандали може да има кредибилитет да води партија?
„Наместо повлекување и одговорност, гледаме ароганција и молк. Затоа правдата мора да зборува.Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да постапи и да ги истражи сите наводи. Законот мора да важи за сите“, рече тој.
Македонија
Цариниците запленија девизи, злато, музички инструменти и домашна ракија
Царински службеници и мобилни царински тимови во различни случаи открија неколку обиди за шверц на разна стока и тоа девизи, злато, цигари и бижутерија, ветеринарни препарати, музички инструменти и домашна ракија.
13.900 евра, 3 златни монети и 1 златна плочка од околу 90 грама се откриени од страна на мобилен царински тим кај двајца грчки државјани кои се пријавиле за излез од државава на граничниот премин Табановце автопат. При личен претрес на лицата, во џебот од јакната на возачот биле пронајдени 23.900 евра, а во неговиот паричник и во преден џеб од неговите панталони биле пронајдени 3 златни монети, секоја со маса од околу 8 грама и една златна плочка со маса од околу 90 грама. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 13.900 евра, златните монети и златната плочка се привремено задржани.
При контрола на автомобил кој се пријавил за влез во држвава на граничниот премин Ќафасан кај совозачот пронајдени се непријавени 20 илјади евра. Според Законот за девизно работење на странката и се вратени 10 илјади евра, а остатокот од 10 илјади евра се привремено задржани.
На излез од држвава на граничниот премин Богородица кај четворица патници се пронајдени вкупно 20.000 евра. Односно, секој од нив со себе носел по 5.000 евра, сума која е потребно да се пријави и за која е потребна потврда од овластена банка или менувачница при изнес од државава. Според Законот за девизно работење на секој од патниците им се вратени по 2.000 евра, а остатокот од по 3.000 евра или вкупно 12.000 евра се привремено задржани.
30 штеки цигари со турски акцизни маркички, 279 парчиња накит-бижутерија и 30 килограми монистри се пронајдени од страна на царински службеници при контрола на автобус со турски регистарски таблички, пријавен за влез во државава на граничниот премин Деве Баир. Цигарите биле пронајдени во фабричка празнина во просторот за одмор на возачите, а накитот бил пронајден во ќеса сместена во багажниот простор на автобусот. Вредноста на непријавените производи изнесува 73.780 денари, а избегнатите давачки се во износ од 75.038 денари.
17 шишиња со течност за инјекции за животни од 100ml и 250 ml се пронајдени во ташна на патник – странски државјанин со пријавено живеалиште во Прилеп, кој се пријавил за влез во државава на граничниот премин Стење. Стоката е привремено одземена.
На влез на граничниот премин Табановце се пријавил патник кој со себе имал АТА карнет, но при контрола од страна на царински службеници во багажениот простор помеѓу пријавените музички инструменти пронајдени се и 4 парчиња нови звучни кутии, употребувана електрична гитара и употребуван модул за електрични тапани кои не биле опфатени во АТА карнетот, а патникот не ги пријавил.
На граничниот премин Табановце, по насоки од Одделението за дежурен царински центар извршен е детален преглед на возило, пришто се пронајдени 60 литри домашна ракија. Од страна на возачот пријавени биле само неколку мали канти со сирење и патнички торби, а ракијата која била во пластични шишиња и туби е откриена во задните врати под тапацирот, во кровот, под хаубата и во патнички торби.
Македонија
Началникот на Генералштабот на Армијата на состанок на Воениот комитет на НАТО
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на 21 и 22 јануари 2026 година ќе учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На состанокот, со кој ќе претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, ќе учествуваат началниците на Генералштабовите на 32-те земји членки на НАТО, командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич и командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација (SACT), адмирал Пиер Вандие (Pierre Vandier). Началниците на Генералштабовите на сојузничките земји ќе се сретнат и со претставници од индо-пацифичките партнери на НАТО, Грузија и Украина.
Во рамки на првата сесија, генералот Гринкевич, ќе ги информира началниците на Генералштабовите за подготвеноста на НАТО во зајакнувањето на колективното одвраќање и одбраната на Алијансата, во услови на заеднички безбедносни предизвици.
Во втората сесија, командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација ќе даде акцент на можноста како НАТО да го забрза процесот на испорака на соодветни капацитети преку поддршка на земјите членки во усвојувањето и имплементацијата на иновации во соодветен обем и со соодветна динамика.
Во формат на советот НАТО–Украина, началниците на Генералштабовите ќе дискутираат за безбедносната состојба во Украина и за континуираната поддршка на НАТО кон оваа земја, вклучително и за НАТО безбедносната помош и обука за Украина (NATO Security Assistance and Training for Ukraine – NSATU) и Заедничкиот центар за анализа, обука и едукација (Joint Analysis, Training and Education Centre). На оваа сесија е поканет да учествува и претседателот на Воениот комитет на Европската Унија.
Во продолжение на состанокот на Воениот комитет на НАТО, ќе се нагласи стратешката улога на партнерствата во справувањето со меѓусебно поврзаните и растечки глобални безбедносни предизвици, преку средби со претставници на индо-пацифичките партнери на НАТО и Грузија.
Генералот Лафчиски во оваа прилика ќе реализира и билатерална средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Унгарија, генерал Габор Беренди, а ќе оствари и средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Северна Македонија во НАТО штабот во Брисел, Кралството Белгија.

