Македонија
„Левица“: Универзална сала шест години е надвор од функција
Реконструкцијата на Универзална сала многукратно најавувана од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, која требаше да биде најголемиот капитален проект од областа на културата и веќе одамна завршена, никако ни да започне, соопштија од „Левица“.
„ Гледајќи ги околностите поврзани со Универзална сала се чини дека не исполнетото ветување и многуте невистини и лаги пренесени на јавноста, околу овој проект се најмал проблем. Иако постоеја силни притисоци од јавноста, пред се’ од стручната фела и лицата кои најмногу ги таргетира овој проект, Град Скопје никогаш не распиша конкурс за идејно решение за реконструкција на Универзална сала. Наместо, ова Шилегов обезбеди готов проект преку донација од Мегарон Инженеринг“ соопшти „Левица“.
Оттаму додаваат дека „Мегарон Инженеринг“ се автори на проектот „КАТНА ГАРАЖА – СУДСКА ПАЛАТА”, дел од проектот „Скопје 2014”, а истите сега се јавуваат како „донатори“ на проектот за Универзална сала. Со оваа постапка Шилегов, како што велат, уште еднаш покажа дека кога се во прашање интересите на капиталот, локалната власт на СДСМ и ДПМНЕ одлично соработуваат.
„ Ваквите „затворени за јавноста” постапки и избор на решение за кое никогаш не била консултирана стручната јавност укажува само на едно – дека изгледот на градот не е тема на дискусија и дека за истиот одлучува градската администрација заедно со донаторите, а не стручната јавност. Оваа градска власт, како и претходната, работи со комплетна исклученост на јавноста и во таа насока – ништо не е променето. Универзална сала можеби има и поголем потенцијал од ова што е понудено, но за жал тоа никогаш нема да го дознаеме.
Секој идеен проект, повлекува основен проект врз база на кој се прават предмет пресметки за чинењето на градежниот зафат. Многу често, проекти се менуваат токму поради фактот дека понудените решенија од страна на архитектите едноставно чинат премногу. Очигледно на Градот му е прескапо да распише конкурс и да ги плати најдобрите решенија, па така остави сомневање дека избраното решение веројатно не е најдоброто и најисплатливо“ додаваат од партијата.
Иако договорот за финансирање меѓу градоначалникот Петре Шилегов и тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски беше потпишан пред околу 4 години, а средствата од Буџетот обезбедени уште во 2019 година, Универзална сала наместо да биде завршена не е ниту започната, обвинуваат од „Левица“.
„ Од нејзина изградба се што досега може да се види е по некој очаен медиумски наслов, направен за гол популизам и дневна политика. Бидејки за ова самоволие во ова режимско владеење транспарентност дефинитивно нема, за она што се случувало и се случува поврзано со овој проект очигледно ќе мораме да дознаеме по промената на градоначалникот во Скопје, но по промената на власта одговорност за сето ова мора да има“ порачуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

