Македонија
Лефков: Бисера Антоанета со службената картичка во Виена за 4 ноќи изнајмила трособен стан со поглед на градскиот парк од 1200 евра
Бисера не би била вистинска Антоанета, ако своите манири за раскош и луксуз не ги манифестирала во Виена, родното место на историската Антоанета. Бисера Антоанета дословно се потрудила да потсеќа на историскиот оригинал и за само 4 дена во Виена потрошила 3061 евра народни пари, за луксуз и раскош, вели Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено од 07.12.2023 година до 11.12.2023 година, Бисера Антоанета сама престојувала во Виена, со неа немало придружба од Министерството за култура или владата. Бисера Антоанета во Виена се осеќала како вистинска кралица. Наместо да изнајми хотелска соба, таа со службената картичка со народни пари изнајмила трособен стан од 70м2 во центарот на Виена веднаш до Палата Кобург, Виенската Опера, најелитните хотели и седиштето на ОПЕК. Стан од 70м2 е стан во кој во Македонија живеат четиричлени семејства. Во Виена Бисера Антоанета си го приуштила тоа задоволство сама на себе“, посочува Лефков.
Тој тврди дека за само 4 ноќи Бисера Антоанета платила 1213 евра или 74.599 илјади денари за трособниот стан.
„И тоа кога во непосредна близина каде што била сместена има елитни хотели каде ноќевање со доручек чини 9000 денари, а хотел со нормални карактеристики може да се најде и за 6000 денари. Која била потребата на Бисера Антоанета да изнајми трособен стан за 1200 евра за 4 ноќи во Виена со поглед на Виенскиот парк?Бисера Антоанета уживала 4 ноќи во трособен стан со поглед на Виенскиот парк. За да отпатува во Виена Бисера Антоанета си купила повратна авионска карта од Охрид до Виена за 385 евра кои ги платила првo приватно, а потоа од Министерството за култура ги подигнала парите во кеш, како репрезентација. Не јасно е што правела Антоанета во Виена 4 дена? Која била потребата од ова патување и зошто наместо луксузен трособен стан не изнајмила хотелска соба која е и до 4 пати поевтина? Антоанета очекуваме одговори. А за твоите прошетки низ Виена и како си трошела народни пари продолжуваме утре“, завршува Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

