Македонија
Лидерите на средба кај Пендаровски за предвремени парламентарни избори

Лидерите на најголемите политички партии денеска попладне во вила Водно ќе имаат лидерска средба, на која повика претседателот Стево Пендаровски откако земјата не доби датум за започнување преговори со ЕУ. Како што најави и премиерот Зоран Заев, во фокусот на лидерската средба ќе биде организирање на предвремени избори.
Пендаровски рече дека добил позитивен одговор од лидерите за средбата, која е најавена за 17 часот.
Премиерот Заев рече дека со недобивањето дамут, ЕУ направила историска грешка, поради што бара брзи предвремени избори на кои, како што рече, граѓаните ќе одлучат по која пат да одиме.
„Одговорно се исправам пред вашата одлука, сега е потребен вашиот став, немаме време за губење. Предлагам организирање предвремени избори, најбрзо што може, избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја“, порача Заев во своето обраќање до граѓаните.
Во врска со шпекулациите кои се појавија во медиумите дека Заев ќе даде оставка, тој кажа дека ги разгледал сите опции.
„Сите опции беа во мојата глава, јас го почувствував гневот кај нашиот народ. Но реков јас немам право да се откажам да се борам, јас ја сакам својата земја и својот народ и тој ќе одлучи сега дали ќе продолжиме по тој пат. Не сме сјајни, имаме грешки, но нема друг пат. Сè друго е крив пат, сè друго е нешто во кое 27 години се вртевме“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Фабриката „Винчини“ во пламен, ангажирани пожарникари од повеќе градови

Голем пожар ја зафати фабриката за слатки „Винчини“ во Виница, каде што огнените јазици уништија магацини и неколку производствени погони.
Инцидентот бил пријавен денеска околу 18:40 часот во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112. Огнот избувнал во магацинскиот простор и брзо се проширил во производствените хали со редни броеви 6, 7 и 8, каде што биле складирани суровини и дел од опремата.
На местото веднаш интервенирале екипите на Територијалната противпожарна единица од Виница со неколку возила и пожарникари, но поради обемот на пожарот била побарана помош од соседните општини.
„Во гаснењето се вклучени и противпожарните сили од Кочани со сите свои капацитети, а дополнителна поддршка е побарана од Македонска Каменица и Штип,“ соопштија од ЦУК.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, изјави дека станува збор за специфичен урбан пожар, што бара исклучиво интервенција на професионални пожарникари и координација на повеќе општини.
Македонија
Познати победниците на трката „Голак Трејлс“ посветена на херојот Иле Гоцевски

Во чест на херојот Иле Гоцевски, возачот кој за време на несреќата во Кочани остана запаметен по својата храброст и пожртвуваност, денеска во Делчево се одржа првата планинска трка „Голак Трејлс“. Настанот беше организиран постхумно, како симбол на благодарност и почит кон неговото дело, но и како потсетник на човечките вредности што тој ги претставуваше.
На патеката долга 13 километри трчаа околу 200 учесници од повеќе македонски градови и гости од соседството. Атмосферата беше исполнета со спортски дух, силни емоции и порака дека спортот може да биде начин да се зачува споменот на оние кои оставиле трага.
Во машка конкуренција најбрз беше Ибрахим Мамудов од Штип, а во женска категорија победи Марија Пеликон од Скопје. Победниците истакнаа дека трката имала посебна тежина, бидејќи била посветена на човек чиј лик е симбол на храброст и пожртвуваност.
За првото место кај младите се истакна Калин Стефановски, ученик во осмо одделение, кој ја совлада патеката за два часа и ги повика своите врсници активно да се занимаваат со спорт.
Организаторите нагласија дека „Голак Трејлс“ не е само спортски предизвик, туку и почеток на нова традиција во Делчево.
„Со оваа трка ја оддаваме почит на Иле, но и испраќаме порака дека Делчево станува центар на планинскиот туризам и рекреација во источниот регион“, истакнаа тие.
Скопје
Пет лица повредени, една жена во критична состојба во сообраќајка во Скопје

Пет лица се повредени во сериозна сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 19:30 часот на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, соопшти СВР Скопје.
Според полицијата, несреќата се случила помеѓу патничкото возило „голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.С. (41), и „поло“ управувано од А.Ш. (30). Најтешко повредена е сопатничката од „поло“ возилото, Х.С.Ш., додека возачот А.Ш. и другата сопатничка Ш.Ш. (57) се здобиле со телесни повреди.
Повреди добиле и возачот на „голф“ З.С. и неговиот сопатник Ѓ.Х. (42), кои се згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, а причините за сообраќајката се во тек на истрага.