Македонија
Лидерска средба до крајот на неделава
Запрени се преговорите меѓу политичките партии за Законот за финансирање на партиите, изборот на ДИК и за техничка влада. Овие прашања најверојатно ќе се решаваат на лидерско ниво бидејќи работните групи не можат да најдат заедничко решение. Извори од работните групи брифираат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ барала значително повеќе пари од буџетот за финансирање на партиите од сумата околу која речиси се согласиле и другите на преговарачката маса. Исто така, опозицијата не е задоволна само со оставка од премиерот сто дена пред избори, туку бара и техничка влада по теркот на пржинската, со министри во МВР и труд и социјала од нивните редови, што за СДСМ е неприфатливо.
Премиерот Заев остава простор до крајот на неделата работните групи да се договорат, а ако тоа не се случи, не ја отфрла можноста за лидерска средба.
– Очекувам до крајот на оваа недела работните групи да ги решат работите заради тоа што даваме импакт и ние како лидери. Ако не се случи решение преку работните групи, јас би свикал лидерска средба или кој било од лидерите од парламентарните партии би можел да свика. Ред е до крајот на оваа недела да ги заокружиме овие процеси. Граѓаните очекуваат одговори и од името на граѓаните верувам дека ќе ги дадеме сите овие одговори до крајот на неделава, изјави Заев.
Заев очекува до крајот на неделава да се заокружи и процесот околу датумот, прашањето и карактерот на референдумот за името, а според него, заслужува внимание и барањето на опозицијата за предвремени избори , ако тоа би гарантирало успешен референдум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Левица: Безрезервна поддршка за протестот на работниците, и на улиците и од институциите
Левица изразува целосна поддршка кон барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија за покачување на платите, потенцираат од оваа партија.
Барањата на ССМ, оценуваат од таму, се легитимни, оправдани од секојдновното зголемување на трошоците за живот и насочени кон подобрување на животниот стандард и почитување на работничкиот труд.
„Поминаа речиси две години власт на ДПМНЕ и исто толкав период на игнорантски однос кон граѓаните кои едвај го поминуваат месецот со најниска минимална и просечна плата на Балканот, иако според тврдењата на Мицкоски сме „четвртата економија во светот и трета во Европа по раст на БДП”.
Ги повикуваме ДПМЕН, ЗНАМ и ВРЕДИ да се разбудат од илузијата. Мицкоски мора да избере дали ќе ја продолжи својата бизнис кариера и ќе му служи на крупниот капитал, прилепен во прегратките на Бранко Азески, или пак ќе почне да ја врши својата премиерска функција во служба на граѓаните. Мицкоски треба да разбере дека извршува државна функција која му налага да го штити послабиот од помоќниот, а не функција на статист во трипартитниот дијалог меѓу работниците, работодавачите и Владата“.
Левица потсетува дека минатата година поднесе Предлог – закон со кој, како што појаснуваат, требаше платите на сите работници да се зголемат за најмалку 100 ЕУР.
„Со тоа, минималната плата сега ќе изнесуваше 500 евра и ќе го избегневме дното во кое се наоѓаме моментално. Наместо тоа мнозинството на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ одлучи експресно да го одби решението, удоволувајќи му на бизнис секторот.
Трошоците постојано растат, а работникот повеќе нема време за чекање. Затоа, Левица изразува недвосмислена поддршка на протестот на ССМ со јасно барање до Владата конечно да преземе конкретни мерки за подобрување на економскиот статус на работникот, што значи плата која овозможува достоинствен живот“.
Македонија
Бугарското МНР: Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водење на отворен дијалог
Бугарското министерството за надворешни работи изразува длабоко разочарување од неконструктивното однесување на Република Северна Македонија, официјално обвинувајќи го Скопје за манипулативни изјави, недостаток на вистински дијалог и неподготвеност да ги исполни обврските преземени согласно Европскиот консензус од 2022 година, пишуваат бугарските медиуми.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува длабоко разочарување од континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостатокот на отвореност во комуникацијата со јавноста. Уште еднаш, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија зборува за „иницијатива на поголеми и повлијателни земји-членки на ЕУ“ за организирање состанок меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија. Ова не е прв пат Скопје официјално да дава толку нејасни и манипулативни изјави.
Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји-членки на ЕУ, како и од самата Република Северна Македонија. Во оваа смисла, уште еднаш го привлекуваме вниманието на фактот дека дијалогот е институционален меѓу земјата кандидат и ЕУ. Имплементацијата зависи исклучиво од Скопје на сите мерки наведени во консензусот, со цел да се унапреди процесот на европска интеграција.
Секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. Од почетокот на мандатот на сегашната влада на Република Северна Македонија, секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. За жал, министерот Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водењето на таков отворен дијалог. Најнов пример за ова е одбиената покана за неговата посета на Софија на 25 ноември 2025 година за да се одбележи делото на Свети Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете земји.
Што се однесува до предлозите и оценките дадени од министерот Муцунски за пристапот на Бугарија кон презентираниот нацрт-план за правата на заедниците, ве потсетуваме дека тој беше отфрлен од бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив поради отсуство на фундаментални принципи во него за гарантирање на заштитата на човековите права. Очекуваме да бидат слушнати легитимните барања на нашите сонародници во Северна Македонија“, се наведува во соопштението од бугарското МНР.

