Македонија
Лимани – Милер: Со силна поддршка на УНИЦЕФ набргу и Македонија ќе ја воведе Европската детска гаранција
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска оствари средба со претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер и нејзините соработници.
Соговорниците разговараа за важноста од унапредување и зајакнување на системот на детска заштита, при што акцентот беше ставен на воведувањето на Eвропската детска гаранција во земјата, која што претставува механизам на ЕУ за спречување општествено исклучување на загрозените деца со тоа што им се гарантира пристап до низа клучни основни социјални услуги.
Министерот Лимани информираше дека анализата потребна за нејзиното воведување е во завршна фаза и изрази надеж дека наскоро ќе бидеме прва земја во регионот која ќе ја имплементира.
Соговорниците се осврнаа и на Извештајот на Европската Комисија, каде што се нотира меѓудругото за потребата од дополнителни заложби за системот на социјална заштита да стане поотворен со поголема достапност на социјалните услуги. Но нотиран е и напредок во спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 година.
Од страна на претставниците на УНИЦЕФ беше истакнато дека Северна Македонија е лидер во регионот во спроведувањето на деинституционализацијата во делот на децата, земајќи предвид дека нема ниту едно дете кое живее во институција.
Соговорниците се согласија дека предизвиците најдобро се решаваат системски. Односно системот ќе биде силен кога ќе може обезбедува социјални услуги за децата како пристап до образование, здравство, социјална заштита, и ниту едно дете нема да биде изоставено. Притоа беше истакната и важноста од вложување во човечки ресурси кои работат во оваа област, нивно постојано усовршување и можност да напредуваат, а со тоа мотивација да останат во државата и тука да вложуваат напори за подобро општество за сите со акцент на децата како една од најранливите категории.
Со спроведувањето на детската гаранција во Северна Македонија ќе им се помогне на националните и локалните власти да го зајакнат управувањето со јавни финансии во врска со подобро планирање, буџетирање и спроведување на буџетот за основните социјални услуги за ранливите деца – во сферата на детска и социјална заштита, здравствена грижа и образование. Со ова ќе се обезбеди чекор по чекор секое дете да добие пристап до квалитетно образование, здравствена грижа, благосостојба и заштита. За секое дете да може да го постигне целосниот потенцијал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е клуч за подобри јавни политики
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека родово одговорното буџетирање претставува системско решение за општествените потреби и трансформативен инструмент за креирање правични политики. Таа се обрати на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина“, што денес и утре се одржува во Скопје.
„При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни“, рече претседателката, нагласувајќи дека родово одговорното буџетирање не е техничка постапка, туку алатка за транспарентност, отчетност и поправедна распределба на јавните средства.
Сиљановска-Давкова истакна дека родовата еднаквост и климатската отпорност се темелни за идните политики, а граѓанските организации, локалните власти и руралните заедници имаат значајна улога во адаптацијата кон климатските промени.
Таа посочи дека Република Северна Македонија веќе направила чекори кон системско интегрирање на родовата перспектива во буџетскиот процес, но имплементацијата е во тек и бара понатамошна институционална поддршка.
На форумот се обратија и амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик-амбасадорката на Шведска Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов од Министерството за надворешни работи и Марија Ристеска од Мрежата за родово одговорно буџетирање.
Македонија
Милошоски и францускиот амбасадор Риголе: Потребно е продолжување на процесот на проширување на ЕУ
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари средба со амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголе. На средбата се разговараше за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двете држава, продолжување на процесот на проширување на Европската унија како и приближувањето на земјата кон членство во ЕУ.
Потпретседателот Милошоски ги поздрави традиционално добрите и пријателски односи меѓу РС Македонија и Француската Република при што нагласи дека меѓу двете држави постои отворен и конструктивен дијалог и континуирано унапредување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес. Во изминатите години се забележува динамизирање на политичкиот дијалог на високо и највисоко ниво, кој што е конструктивен и пријателски.
Амбасадорот Риголе истакна дека Француската Република ја има усвоено Стратегијата за Западен Балкан, со цел да ја поддржи Европската унија во приближување на регионот кон Европа како и да го зајакне политичкиот дијалог со земјите во регионот.
Двајцата соговорници се согласија дека имајќи ги предвид геополитичките тенденции и случувања потребно е процесот на проширување на Европската унија да продолжи и земјата да го продолжи својот пат кон полноправно членство во ЕУ.

