Македонија
Ловечко куче извадено од провалија од екипа на Планинската спасителна служба во Охрид
Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид спасила ловечко куче паднато во провалија од околу 50 метри.
Вчера добиле повик од група ловци, чие ловечко куче се изгубило. Поради сериозната експонираност на теренот, ловците побарал помош од ПСС, по што еден тим од двајца спасувачи веднаш излегол на терен.
„Со помош на околувратникот со вграден ГПС локатор, го лоцирале кучето на едно хоризонтално зарамнување од ископот на каменоломот во селото Речица, 100-тина метри од подножјето и околу 50 метри од горниот раб на ископот. Дополнителен проблем претставуваше тоа што кучето единствено соработува со неговиот сопственик, поради што бевме принудени во операцијата покрај припадникот на ПСС, да го обезбедиме и спуштиме до кучето и сопственикот. По неколку часа, кучето и сопственикот беа извлечени на сигурно и спуштени во подножјето на каменоломот“, соопшти ПСС Охрид.
„Вештините на планинските спасувачи, се единствени кои можат да спречат влошување на состојбите и предизвикување емотивен шок за луѓето, во случајов сопствениците на кучето, кои беа видно загрижени за неговата безбедност“, посочува Планинската спасителна служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ја отстапи функцијата во Кисела Вода: Бети Стаменкоска- Трајкоска е новата мајка на општината
Орце Ѓорѓиевски, кој во вториот круг од изборите беше избран за градоначалник на Скопје, утрово ја отстапи градоначалничката функција во Општина Кисела Вода на неговата сопартијка, Бети Стаменкоска-Трајкоска. Примопревадањето на функцијата го објави на социјалните мрежи.
„Кисела Вода од денес има нов градоначалник. Бети Стаменкоска-Трајкоска е новата мајка на општината. Знам колку си посветена, колку искрено ја сакаш Кисела Вода и колку труд вложуваш во сѐ. Убеден сум дека ќе го продолжиш патот кој го трасиравме со истата сила, со ист жар и љубов. Ти благодарам за сѐ што направи и за она што допрва ќе го направиш. А со поддршка на градот Скопје, ќе продолжиме да правиме уште поголеми дела. Го имаш мојот збор!“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Стаменкоска-Трајкоска беше избрана за градоначалничка на Кисела вода во првиот круг од овие избори, а ја презема функцијата денес откако го доби уверението од Државната изборна комисија.
Македонија
(Видео) Мисајловски: Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори
Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори. А владината коалиција, на овие избори, докажа дека е повеќе од стабилна и легитимна, со вкупно освоени 66 општини од вкупно 81, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа голема победа е и голема одговорност и обврска за работа и испорачување на резултати. Благодариме на секој граѓанин кој го даде гласот за ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција. Ветуваме дека нема да ве разочараме и обезличиме. Нашиот образ мора да биде чист, а тоа ќе го направиме со работа и со проекти. Историска победа и обединувањето на народот на Кичево поради што падна и Фатмир Дехари и ДУИ е благодарност до секој еден Албанец, Ром, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, и сите останати кои го дадоа гласот за Александар Јовановски. Обединувањето во Кичево е пример како ќе се гради Македонија“, рече тој.
Мисајловски рече дека има огромна победа во Брвеница на Јовица и покрај, како што кажа, сите дејствија кои ги презема неговиот противкандидат.
„И во Брвеница, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, и сите останати, покажаа дека националните и етничките приказни на одредени структури, паѓаат во вода. Сотир Лукровски е новиот градоначалник на општина Карпош. Огромна и важна победа во Карпош. Исто така, победа издвојувавме и во градот Скопје, каде Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на градот Скопје. И тука имаме навистина многу работа. Граѓаните одбраа и промени во Валандово, во Дојран, во Дебарца, во Демир Капија, во Крушево, во Пробиштип, во Росоман, во Чучер Сандево, таму локалната власт ќе биде раководена од нови кадри, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Победивме и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце, Чешиново-Облешево“, рече Мисајловски.
Според него, опозицијата на овие избори е длабоко поразена. Тој смета дека СДСМ и ДУИ мора да се реформираат.
„Нивните политики граѓаните ги имаат прочитано и повеќе не поминуваат. На Македонија и е потребна конструктивна опозиција, која ќе дава аргументирана критика и поддршка на реформите. Кадровските промени на неколку луѓе во СДС, не е реформата која им е потребна. Проблемот во СДСМ е Филипче, затоа што е продолжена рака на Заев и се додека е така, СДСМ ќе тоне. Ги слушаме и граѓаните кои не излегоа на изборите и оние кои излегоа и ги направија своите гласачки ливчиња неважечки. Ние ќе работиме да го промениме нивното мислење со работа и со проекти“, изјави Мисајловски.
Македонија
Во вториот круг 19.287 неважечки ливчиња, само во Скопје над 10.000
Во вториот круг од локалните избори, што се одржа вчера во 33 општини, се евидентирани вкупно 19.287 неважечки гласачки ливчиња или околу 5,6 отсто од сите употребени ливчиња.
Само во град Скопје се евидентирани 10.528 неважечки ливчиња. За градоначалник на главниот град гласале 167.575 гласачи. Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња е 157.047.
Одѕивот во Скопје во вториот круг изнесуваше 35,33 проценти, а на ниво на сите општини во кои имаше втор круг таа беше 47,16 проценти.

