Македонија
Ловци ја бараат исчезнатата Вања и на непристапни места: МВР ја бара во градот, ние надвор од него
Исчезнатото девојче од Скопје, Вања Ѓорчевска, од вчера го бараат и ловците откако претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски, синоќа ги повика да се вклучат во потрагата. Алексовски вели дека не е првпат ловци да се вклучат во вакви потраги, тие ќе ја бараат на непристапни места, каде што полицијата засега не ја бара.
„МВР го бара исчезнатото девојче во градот, но еве веќе трет ден нема резултати оваа потрага. Девојчето можело секаде да заврши, на периферијата на Скопје, на Водно, на Скопска Црна Гора, па дури и многу подалеку. Ловците стапнуваат онаму каде што ниедна друга нога не стапнува, на непристапни места, на планини, во села. Ги повикав затоа што сметам дека може да придонесат во потрагата. И, претходно, како Ловечка федерација, сме биле вклучени во потрага по исчезнати лица, особено кога се работи за непристапен терен. Во контакт сме и со ловечките федерации од околните земји, па можеме, ако ништо повеќе, да помогнеме веста за исчезнатото девојче да стигне што подалеку. Јас сум оптимист, сметам дека сите заедно ќе успееме да го најдеме девојчето“, вели претседателот на Ловечката федерација, Алексовски, за „Макфакс“.
Тој нагласи дека секојдневно на лов на места, каде што полицијата не оди, се излезени по 25.000-30.000 ловци, а целата Федерација, во согласност со издадените дозволи за оружје од МВР, брои 100.000 члена. Алексовски вели дека нивната бројка е многу поголема од бројот на полицајци во земјата, па од тука надежите дека ќе помогнат се големи. Тој апелира скопските ловни друштва да го зголемат бројот на ловни денови за да може ловците подолго да се на терен.
14-годишната Вања исчезна во понеделникот утрото. Излегла од дома за училиште. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата. Освен полицијата, по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, кои лепат нејзини фотографии во градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели и голем број граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

