Топ
Исчезнатата Вања последен пат забележана кај „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата; „Како родители мислиме само на најлошото“, вели мајката
МВР интензивно трага по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје откога вчера, во 8.35 часот, мајка ѝ пријавила дека е исчезната.
Мајката на исчезнатото девојче за „Макфакс“ раскажува дека и таа и полицијата го прегледувале нејзиниот компјутер, но дека не пронашле ништо.
Ѓорчевска појаснува дека полицијата ги прегледувала и камерите и сите достапни материјали и докази што би можеле да помогнат во пронаоѓање на исчезнатата Вања.
Мајката реагира на написите и коментарите на јавноста, кои упатуваат критики за работата на полицијата.
„Морав да реагирам затоа што полицијата активно работи на пронаоѓање на нашата Вања. Сите инспектори се вклучени, сите работат. Јас синоќа до три часот по полноќ бев во Полициската станица Беко и сите беа вклучени во потрагата. Вклучени сме сите, и полицијата, и роднини, и пријатели и другарчињата. Сега излепивме и постери со ликот на Вања во Центар за полесно пронаоѓање“, раскажува мајката.
Телефонот на Вања, како што додава, и натаму е исклучен.
„Вања излезе вчераутро во 7.20 часот, а јас излегов по неа во 7.40 часот. Набргу ми се јави нејзината класна и ми кажа дека Вања не е на училиште. Јас веднаш ја побарав, но беше недостапна, телефонот ѝ беше исклучен. Проверив на ‘Гугл мапс’ и видов дека последно е регистрирана во близина на ‘Броз кафе’ на ‘Партизанска’“, појаснува таа.
Вели дека Вања била весела вечерта пред настанот и дека ништо не наведувало оти нешто такво може да се случи.
„Вечерта беше весела, весела си отиде на училиште, не сме се расправале, отворено си разговараме за сè. Ги распрашав сите нејзини другарчиња. Тие доаѓаа и претходно тука, се дружеа, си седеа. Но, никој вчера не ја видел Вања во училиште“, кажува мајката.
„Како родители мислиме само на најлошто. Надлежните ни велат дека досега не памтат сличен ваков случај“, додава Ѓорчевска.
МВР апелира да не се шират дезинформации и дека постојано ќе ја информира јавноста сè до пронаоѓање на малолетничката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откриен еден од убијците во Чашка, по вториот се трага – жртвата намамена, застрелана во глава и оставена покрај пат
Велешкото Обвинителство донесе Наредба за истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека бил соизвршител за убиство.
На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице кое се уште не е идентификувано, го убиле велешанецот Ѓело Ѓошев.
Најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала.
Осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката.
Од тие причини, за јавниот обвинител јасни се опасноста од бегство, можноста за влијание на сведоците и ризикот да го повтори делото, па достави предлог за определување мерка притвор.
По наредби на јавниот обвинител МВР интензивно работи на откривање и на другиот соизвршител, како и на точните мотиви за убиството.
Македонија
„Влен“: Почна вистинското чистење на Скопје од ѓубрето и старата политика
По месеци на давење на градот во лоша миризба, ѓубре, запуштеност и пропаганда, од коалицијата „Влен“ велат дека почнало вистинското чистење на главниот град и општината Чаир. Од партијата наведуваат дека акцијата не се однесува само на улиците, туку и на „целиот менталитет што го остави градот во хаос со години“.
„Мирисот што доаѓаше од контејнерите беше ист како мирисот што доаѓаше од канцелариите на довчерашната власт, власт што блокираше, крадеше и не се грижеше за никого освен за себе“, се наведува во соопштението.
Според „Влен“, граѓаните на Скопје на 19 октомври и 2 ноември ставија крај на оваа ера на политичко загадување.
Во партиското соопштение се додава дека е соборена неуспешната ко-влада меѓу Арсовска, Блерим Беџети и Левица, трио што оставило зад себе кал, долгови и град што се дави во хаос. Од ВЛЕН оценуваат дека оние што сакаа да им наштетат на Ссопјани, особено на Чаир, сега гледаат дека градот можеше да се исчисти и навистина се чисти, без нив.
Во завршниот дел на соопштението се наведува дека денес, Чаир со Изет Меџити на чело дише слободно.
„Улиците се чистат, но пред сè, се отстрануваат последиците од долгогодишните блокади и занемарувањето на чаирчани од страна на градската власт. Ова е чистењето што го чекаше Скопје – чистењето на совеста, одговорноста и старата политика“, порачаа од „Влен“.
Регион
Албанија усвои закон за родова рамноправност по бурна расправа
Албанскиот парламент доцна синоќа го усвои Законот за родова рамноправност, по повеќечасовна и остра дебата. Законот беше изгласан со 77 гласа „за“, 36 „против“ и без воздржани.
Новите измени утврдуваат дека терминот род се однесува на општествено создадени улоги, однесувања и атрибути што се сметаат соодветни за жени и мажи.
Опозициската Демократска партија остро се спротивстави, обвинувајќи дека законот има за цел „уништвање на семејството“. Премиерот Еди Рама го оцени како „благороден и целосно усогласен со принципите на Европската унија за рамноправност и недискриминација“.
Бившиот премиер Сали Бериша побара од амбасадорот на ЕУ во Албанија да објасни која европска директива бара ваков закон.
Властите нагласија дека целта е да се обезбеди еднаков третман и можности за сите граѓани, без оглед на полот, во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
Во Тирана беа одржани и протести на граѓански организации кои го нарекоа законот „антинационален и антисемеен“, предупредувајќи дека може да се злоупотреби и дека не е применлив во пракса.
На истата седница, парламентот ја одби иницијативата за формирање комисија за смена на претседателот Бајрам Бегај, поднесена од опозицијата, која го обвинува за сериозни повреди на Уставот.

