Македонија
Лога: Ги повикувам сите политички партии, со консензус да донесеме нов Изборен законик
Министерот за правда, Кренар Лога, ги повика сите политички партии со консензус да го донесат новиот изборен законик.
Во своето обраќање на конференцијата „Изборните реформи во Северна Македонија“, што ја организира Националниот демократски институт, Лога рече дека негова иницијатива е политичките партии да седнат на иста маса со цел да се најде модел по кој ќе се пристапи кон изготвување нов Изборен законик и да се постигне консензус за одредени прашања, кои имаат политичка конотација затоа што тоа е и препорака дадена од Венециската комисија.
„Дали ни е неопходна оваа реформа? Одговорот е да. Изборниот законик треба да стапи во сила најмалку шест месеци пред изборите за да може институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените. Во последниот извештај за предвремените парламентарни избори Специјалната мисија за процена на изборите на ОДИХР јасно стави до знаење дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат. Изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно со цел да се усогласи во рамките и со другите релевантни закони да биде во согласност со целите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики“, рече Лога.
Министерот за правда информира дека Министерството за правда е во процес на формирање работна група со цел изнаоѓање на најдоброто можно решение.
„Мојата јасно зацртана цел е Изборниот законик да биде изготвен пред следните избори, а преку инклузивен процес да се гарантира правната сигурност, со тоа што ќе се слушнат мислењата на сите политички партии. Затоа ги повикувам сите политички партии со консензус да го донесеме Изборниот законик и ги утврдиме изборните правила. Упатувам апел до ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија да даде свој придонес и да номинира свој член во работната група. Согласен сум претседателот на работната група да биде нивен предлог“, потенцира Лога.
Им се заблагодари на НДИ и на сите граѓански организации кои активно учествувале во реформските процеси за нашата земја и кои придонесуваат кон нејзино придвижување кон Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.