Македонија
Лога се сретна со Синдикатот на УПОЗ: да се започнат преговори, за да се најде решение и да не се закочи работата во судовите и обвинителствата

Министерот за правда Кренар Лога се сретна со претставниците на Синдикатот на УПОЗ.
На средбата се разговараше за актуелните протести, проблемите и барањата со кои се соочуваат судската и јавнообвинителската служба.
Министерството за правда ќе достави Информација до Владата, во соработка со Министерството за финансии да се разгледа можноста од отпочнување на процес на преговори со Синдикатот на УПОЗ со цел да се најде заедничко решение и да не се закочи процесот со движење на предмети во судовите и Јавните обвинителства.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски изрази благодарност до министерот Лога за неговите напори и заложби за решавање на проблемите на вработените, информираат од Министерството за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба на поранешниот претседател Пендаровски со Веселенскиот Патријарх г. Вартоломеј Први Цариградски

Поранешниот претседател Стево Пендаровски денеска во Истанбул оствари средба со неговата Сесветост г. г. Вартоломеј Први, Архиепископ Константинополски на Нов Рим и Вселенски патријарх.
На средбата се разговараше за состојбите во православниот свет и улогата на Вселенската Патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии, а, во тие рамки и за уникатното значење на Вселенската Патријаршија како врховно институционално тело во православието.
Македонија
Реконструирана првата фасада со финансиска поддршка од општина Кисела Вода

Во населбата Цветан Димов, на улицата Марко Цепенков бр. 4, влез 1, успешно е завршена првата реконструкција на фасада на станбена зграда со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода, извести општината.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес се сретна со станарите, кои преку овој проект добија значително подобрување на условите за домување и зголемена енергетска ефикасност.
Се работи за жители на општината кои успешно аплицираа на јавниот повик за набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на територија на Општина Кисела Вода. Финансиските средства за овој проект во висина од 277.612,00 денари беа обезбедени од Буџетот на Општина Кисела Вода.
-Денеска сведочиме на првиот успешно реализиран проект за реконструкција на фасада со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива е дел од нашата посветеност кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредување на енергетската ефикасност во колективното домување. Свесни сме дека добрата термоизолација не само што ги намалува трошоците за енергија, туку и значително придонесува за поквалитетен живот на станарите. Овој проект е само почеток, а нашата намера е да продолжиме со поддршка за што повеќе згради во иднина. Ги охрабрувам сите заедници на сопственици и управители на згради да аплицираат на ваквите повици и да ја искористат можноста за подобрување на своите домови-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Општина Кисела Вода продолжува со своите активности за поддршка на колективното домување и зголемување на енергетската ефикасност. Според условите на јавниот повик, за оваа субвенција можеа да аплицираат заедници на сопственици или управители на станбени згради изградени пред 2010 година, соопшти општината.
Македонија
Министерството за јавна администрација: ДУИ шири лаги и ја дезинформира јавноста

„Министерството за јавна администрација, односно Државниот управен инспекторат, најостро ги демантира лагите и манипулациите што Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги шири во јавноста. Обвинувањата дека Државниот управен инспекторат утврдил злоупотреба на службената положба и одземал надлежности на министерот за животна средина Изет Меџити, се целосно неточни и злобно конструирани со политичка заднина“, демантираат од Министерството за јавна администрација во однос на обвинувањата од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за Државниот управен инспекторат.
„ДУИ, како партија која повеќе од две децении ја држеше заробена администрацијата и систематски ја претвораше во алатка за партиски интереси, сега се обидува да манипулира со јавноста преку лаги и дезинформации.
Државниот управен инспекторат нема ингеренции за одземање на надлежности на министри, ниту за водење истраги за корупција – тие се во доменот на правосудните органи, кои токму ДУИ ги блокираше со години за да се заштити од одговорност.
Она што навистина се случи е редовен инспекциски надзор во Управата за животна средина, спроведен согласно Годишниот план за работа за 2024 година. Овој надзор се однесува исклучиво на почитувањето на законските процедури и нема никаква поврзаност со обвинувањата што ДУИ ги пласира.
Очигледно е дека ДУИ, соочена со губење на влијанието и привилегиите што си ги создаде врз грбот на граѓаните, сега посегнува по очајни методи на политички спинови.
Наместо да одговорат за сопствените злоупотреби и партизација на институциите, се обидуваат да ја префрлат вината врз оние што вистински работат на градење транспарентна и професионална администрација.
Министерството за јавна администрација, преку Државниот управен инспекторат, нема да дозволи политички структури да го злоупотребуваат системот за свои дневнополитички цели.
Јавноста има право да знае дека оваа Влада се води од принципите на законитост и отчетност – нешто што ДУИ никогаш не можеше да го постигне додека беше на власт“, се додава во демантот на Министерството за јавна администрација.