Македонија
Лога ќе ја следи седницата на Уставен суд, каде што ќе се разгледува упатството за додавање графа националност во изводите
Министерот за правда Кренар Лога на столчето во делот за јавност во Уставниот суд. Ќе ја следи седницата на Уставниот суд, на која, меѓу другото, треба да се разгледува и упатството со кое се додава графата националност во изводите на родени. Иницијативата на Лога иницира низа реакции во јавноста.
Поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, инаку професорка по уставно право, оцени дека одлуката на Уставниот суд да го преиспитува новото упатство за матични книги, во кое има графа за националност, е добра вест.
Според неа, новото упатство треба да се поништи. Таа наведува дека сензитивните податоци за етничката припадност, религијата, политичката припадност и сексуалната ориентација не смее да се најдат во документ, туку само во матичната книга затоа што Македонија е потписник на неколку меѓународни документи за заштита на податоците.
Етничката припадност спаѓа во групата сензитивни податоци, кои подлежат на посебна заштита во согласност со правилата за заштита на личните податоци. Други такви податоци се за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација и сл. Нашата држава е потписник на Конвенцијата за заштита на лицата во однос на автоматската обработка на личните податоци, а јас лично во декември 2019 го потпишав и протоколот за нејзина измена, со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци. Тој протокол е ратификуван во Собранието во јуни 2021 и е задолжителен за нас, напиша Дескоска.
Таа објасни дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон, а уште помалку со упатство. Таа рече дека меѓународните договори се над законите и очекувала Министерството за правда да предложи измена на Законот за матичната евиденција заради усогласување со меѓународните обврски, а не измена на упатството за примена на законот.
„Ова што се случува во моментот е ретрограден процес и непочитување на меѓународните обврски што сме ги презеле како држава“, појасни Дескоска.
Новото упатство за матични книги, во кое има графа националност, го потпиша неодамна министерот за правда, Кренар Лога.
Ова наиде на остри реакции во јавноста, некои од политичките партии веднаш побараа да се поништи упатството, а Уставниот суд минатата недела најави дека на сопствена иницијатива повеле постапка за оценување на уставноста на новото упатство.
Министерството за правда се огласи за новото упатство, со кое се додава графа националност во изводите на родените. Во соопштението до јавноста од Министерството за правда велат дека упатството за изводи на родени со графа националност не се коси со законите, туку дека е во согласност со Законот за матичната евиденција, објави „Фокус“.
Националност во Матичната книга на родените се предвидува во членот 4, на венчаните во членот 11 и на умрените во член 13 од Законот за матичната евиденција, соопшти Министерството за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

